сабота, 26 мај 2018 | Вести денес: 56 ново

Ќе оди ли Шакира во затвор?!

Колумбиската пејачка Шакира наводно е обвинета за избегнување данок и може да заврши во затвор, пренесоа Би-би-си и „Дејли мејл“.
Според информацијата, шпанските даночни власти побарале од обвинителите да ги истражат финансиските зделки на 40-годишната пејачка, во периодот меѓу 2011 и 2014 година, по тврдењата дека таа можеби избегнала да ги плати соодветните даноци.

Тврдења

– Шакира живеела во Шпанија од 2011 до 2014 година и требало да плати данок на севкупната заработка од концертите што ги одржувала ширум светот, а не само за настапите во оваа земја – објаснувале даночните службеници.
Од даночната агенција додале дека управата побарала детално испитување на нејзините финансии.

Државните обвинители сега ќе треба да одредат дали се согласуваат со даночните власти, а ако се согласат, треба да покренат правна постапка.

Доколку се утврди дека пејачката направила прекршување, против неа ќе биде покренато обвинение.

Шпански медиуми објавуваат дека тамошните власти би можеле да ја гонат Шакира за „неколку милиони евра“ доколку нивната истрага се совпадне со тврдењата на даночните власти, па дури може и да побараат затворска казна.

Извори блиски до Колумбијката тврделе дека Шакира била во паника, иако никогаш намерно не избегнувала плаќање данок. Таа наводно ангажирала и тим од врвни адвокати во врска со овој случај.

Експертите за данок најмени од Шакира се очекува да тврдат дека пејачката престојувала во Шпанија пократко од 183 дена во годините за кои се тврди дека постојат спорни финансии, така што за неа не би било задолжително да плаќа данок од нејзините светски турнеи.

Пејачката, бележи „Дејли мејл“ била спомната во неодамнешниот скандал „Рајски документи“, откако било разоткриено дека таа префрлила повеќе од 40 милиони долари во музички права во офшор компанија на Малта. Нејзиниот адвокат за шпанскиот сајт „Ел конфиденшл“ изјавил дека пејачката живеела во Барселона, но ги оправдувал нејзините врски со даночниот рај врз база на тоа што таа како интернационален уметник, живеела на неколку места согласно својот професионален ангажман и дека дејствувала апсолутно во согласност со законите на сите земји во кои престојувала.

Шакира и Пике

Шакира во Шпанија живее со своето момче, 30-годишниот фудбалер Пике, кој игра за фудбалскиот клуб Барселона. Парот се запознал во 2010 година, кога Пике се појави на спотот на Шакира за песната „Waka Waka“, која беше химна на Светското првенство во фудбал во Јужноафриканската република. Шакира и Пике ги имаат синовите Милан (4) и Саша (2).

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top