недела, 25 февруари 2018 | Вести денес: 0 ново

Доаѓа, доаѓа смртта (ноктурно)

Песна наместо колумна

Алдо Климан

 

Доаѓа Смртта,

со црни катран-очи,

слепи од омраза,

без повод и причина.

 

Доаѓа Смртта,

со црна рака,

крената да удри и да удира,

не и да се поддаде

за здраво-живо

и за пријателска прегратка.

 

Доаѓа Смртта,

со црни чизми,

научени за газење и тиранија,

не да прескокнуваат од камче на камче

по зелените македонски поточиња.

 

Доаѓа, доаѓа Смртта.

Ја слушам како се искачува по моите скалила,

полека, подмолно, решена за злостор.

Ја чекам со ширум отворена врата,

не и’ се плашам.

Го имам в раце нејзиното големо Црно Досие

испишано со името Смрт, Смрт, Смрт,

со крвта и врз грбот на мојот народ.

И нема веќе празни страници!

Има ли нешто пострашно?

Па што тогаш значи само уште еден куршум и уште еден нож?

Што тогаш значи само уште една македонска смрт,

ако нема барем една страничка на неа да се напише

ЖИВОТ?

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top