среда, 21 февруари 2018 | Вести денес: 0 ново

Цуцуловски: Следејќи во која насока се движат работите, може да се заклучи дека наскоро како нација нема да постоиме

Професорот Љубомир Цуцуловски на својот фејсбук профил пишува во врска со спорот со името со Грција и апсурдноста, но и ароганцијата на Грците манифестирана во текот на преговорите, која одела од апсурдни ситуации кои ја понижувала македонската нација и држава, па се до денешната ситуација на желбата за нејзино тотално негирање. Како што пишува Цуцуловски, имајќи ја предвид насоката во која се движат работите, може да се очекува дека наскоро ќе дојде до спогодба според која и официјално како нација нема да постоиме.

„АРОГАНЦИЈА. Во мислењето што го дадов за „Нова Накедонија“ од 30 јуни 1992 година (преобјавено, без измени, и во мојата книга „Сведоштва и коментари“ од 1999) нагласив: „Во ставот дека Република Македонија може за интерна употреба да се нарекува како сака, но дека за светот ќе мора да го смени своето име се крие ужасна ароганција и хипокризија. Тоа е како некому да му речете дека може себе си да се нарекува како што сака, па дури себеси да се смета за импереатор, но дека во стварноста ќе биде третиран како роб, поданик или послушник. Таквиот однос е неодговорен. Европската заедница (тогаш, сѐ уште беше заедница, а не унија, заб. Љ.Ц.) ќе нè признае онака како што сме според Уставот, Република Македонија или, во спротивно, подобро е воопшто да не нè признаваат“, пишува Цуцуловски.

За разлика од 90-те Алексис Ципрас сега вели дека името кое ќе се пронајде како решение треба да важи ерга омнес, односно и за меѓународна и за внатрешна употреба. Во таа насока Цуцуловски вели:

„Вчера, Алексис Ципрас, премиер на Грција, отиде чекор напред, изјавувајќи за „Демос“ дека новото име треба да важи за сите (erga omnes), вклучувајќи го и Уставот на Република Македонија. Тоа значи дека ни дома (во официјалната комуникација, почнувајќи од Собранието, Владата, па до медиумите) не ќе можеме да се нарекуваме Република Македонија или Македонци.“

Цуцуловски заклучува дека ако се следат во која насока се движат работите, може да се очекува дека наскоро ќе дојде до спогодба според која и официјално како нација нема да постоиме.

„Така, ќе постоиме непостоејќи. Лудилото, по сѐ изгледа, нема крај, како што и нечиј оптимизам е непоправлив. Она што е непоправливо, некој и да сака да го поправи не може да го поправи, бидејќи самото тоа тврди дека е непоправливо. Јас, пак, наивно верував дека постојат и поправливи нешта“, пишува Цуцуловски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top