сабота, 17 февруари 2018 | Вести денес: 55 ново

Претседателот Иванов со дипломатскиот кор за Водици во Дојран (галерија)

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов со својата сопруга, Маја Иванова, синот Иван и членовите на дипломатскиот кор, учесници на традиционалниот дипломатски прием, денеска во Нов Дојран присуствуваа на одбележувањето на големиот христијански празник Богојавление – Водици.

Најсреќен меѓу учесниците што влегоа во водите на Дојранското езеро по светиот крст беше Мите Пејков од Нов Дојран, којшто упати честитки до сите православни верници.

-По крстот се фрлам досега девет пати, а по четврт пат успевам да го фатам, рече Пејков, додавајќи дека чувството е неописливо.

Претседателот Иванов на Пејков му подари крст од Гевгелискиот регион и нему и на неговото семејство им посака здравје, благосостојба, бериќет и успеси. Пејков доби подарок икона од рускиот амбасадор, Олег Шчербак.

Претседателот Иванов на сите православни верници им го честиташе големиот христијански празник Богојавление – Водици.

-Богојавление е симбол на духовното раѓање и новиот почеток во животот на верникот. Како симбол на новиот почеток, Богојавление треба да нè потсетува да не се навраќаме на старото, туку да се стремиме кон живот исполнет со љубов, понизност, милост и солидарност. Да се престигнуваме со добрина, и да го градиме нашето мултиетничко, мултирелигиско и мултијазично општество во мир, соживот и почитување на различноста, порача македонскиот претседател.

 

извор:макфакс

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top