недела, 25 февруари 2018 | Вести денес: 0 ново

НАТО Ленинизам

Љупчо Златев, новинар

Слушајќи го говорот на генералниот секретар на НАТО Јанс Столтемберг во македонското Собрание, не можев а де не се запрашам: Па добро? Кој победи во студената војна? Комунизмот или Атланскиот блок?

Иако историјата вели дека комунистичкиот блок предводен од Советскиот Сојуз капитулираше и ги прифати вредностите на западот, се чини, неговата авторитарна идеологија продолжила да се инфилтрира до ниво неа да ја прими политичкиот лидер на НАТО, организација која е создадена да се бори токму против тој проклет комунизам.

Многумина велат дека по падот на Берлинскиот ѕид и раштравувањето на СССР се губи поентата на постоењето на НАТО, па личи како овој пакт да ги застапува интересите на некој нов Советски Сојуз кој е формиран во главите на естаблишментот на западните земји.

Сегашниот политички лидер на НАТО, норвешкиот лабурист Столтемберг, кој е познат како еден од најлошите премиери во историјата на оваа земја, не покажа елементарна култура и во 20 минутниот говор пред македонските пратеници ниту еднаш не го изговори името на земјата во која гостува. За Столтенберг, Република Македонија се вика „oваа земја“, или „вашата земја“. Замислете, политичкиот лидер на најмоќната воена организација на планетата, немаше храброст да ја изговори ни привремената референца ФИРОМ, која „оваа земја“ ја користи за меѓународна употреба, а очигледно е дека немаше храброст затоа што во неа се состои називот Македонија.

Чим нема храброст да го прифати првенствено индивидуалното право на секој Македонец да биде Македонец и да се здружи во држава која се нарекува Македонија, што останало понатаму? Зарем некој мисли дека ваков човек би имал храброст да се исправи пред предизвиците и заканите со кои се соочува организацијата која ја води?

Но овој кукавичлук на Столтемберг е најмал проблем. Многу подлабок идејно-политички проблем за алијансата која ја води е тоа што тој од говорницата пред македонските пратеници ги поздрави договорот со Бугарија и претходно поништениот Закон за употреба на јазиците (читај законот за двојазичност).

Основната идеолошка пермиса на НАТО е да ги застапува правата на индивидуата, да биде пакт кој ќе го брани западниот индивидуалистички свет од нападот на колективизмот кој доаѓал од Советскиот Сојуз, барем тоа така звучи кога ги слушаме зборовите на големиот Хари Труман кој говореше дека НАТО ќе се бори да ја исфрли окупаторската чизма над индивидуите и од последниот мередијан на планетата земја.

НАТО е пакт на индивидуалистичките против комунитаристичките земји, пакт за кој политичките и економските слободи се пред се и над се. Од друга страна, Законот за двојазичност е тотална негација на индивидуализмот, тоа е закон кој регулира колективни односи, овој закон во себе ги има втемелено идентитетските политики. Законот за двојазичност не е граѓански закон, затоа што тој индивидуите не ги гледа како граѓани туку ги става во етничка група чии права ги регулира колективно. Овој закон е целосно спротивен на либералните вредности кои ги имаше западниот свет во годините на негов најголем раст, ова е само изблик на дегенрацијата на системите од запад кој се рефлектира кај нас.

Во слободните земји, како Америка или Велика Британија, со законите се регулираат индивидуалните односи помеѓу луѓето, а не колективните. Во деловите од САД каде што живеат хиспаноси, Шпанскиот јазик е прифатен и се користи од државата, исто би требало да биде и со двојазичноста во Македонија. На никој не му смета онаму каде што живеат доминантно албанци, тие да си го користат својот јазик, но, зошто тој да се користи во институциите и да се учи во Делчево и Струмица? Тоа е исто како да воведете шпански јазик негде на северот од САД, каде што не живеат хиспаноси.

Триумфализмот на лидерот на ДУИ Али Ахмети симболично претставен преку градовите Струмица и Делчево е ништо друго туку покажување на окупаторски заби, воспоставување на чизма на целата територија на Република Македонија, како што веќе пишував – воведување на апартхејд. Но племенските водачи од Балканот не би биле проблем доколку нивните интенции не бидат подржани од големи сили, како НАТО.

Иако од НАТО се очекува да ги предупреди локалните племенски лидери да намалат доживљај, овој пат се случи нешто спротивно, тие не само што беа охрабрени туку и поништениот Закон од политичкиот лидер на НАТО беше прикажан како фундаментална вредност на пактот. Не само што ова не е фундаментална вредност на НАТО, туку е нешто сосем спротивно. За жал, не можев да го прашам Столтемберг за ова, храбриот водач, одби да излезе пред било каков соочување со новинари.

Идентитетските политики на колективот (кои се втемелени во овој закон) се теоретска измишљотина на Владимир Илиќ – Ленин и Мао Це Тунг, луѓе кои заедно на душа носат 100 милиони човечки души. Денес, нивниот пристап кон законодавството и политиката е пристап прифатен од НАТО пактот. Колку иронично, нели? Луѓето кои ја создале идеологијата против која се бореше НАТО, денес може негде во комунистичкиот дел од пеколот да тријат раце и да се радуваат на подвалата која му ја направиле на либералниот капитализам.

Да разјасниме, денес со законот за двојазичност регулуираме односи Македонци-Албанци, утре ќе се изгласа некој друг закон со кој ќе регулираме односи хомосексуалци-хетеросексуалци (не сексуални, политички односи), задутре самостојна идентитетска група во општеството со која ќе треба да регулираме односи ќе станат трансвеститите и така се до недоглед. Кога некој решава да регулира колективни односи наместо индивидуални, односно кога државата со закони дава и одзема колективни права – тоа нужно го одмотува ленинистичкото клопче и завршува во тоталитаризам. Тој мутиран систем веќе можеме да го видиме на планетава и не носи арно, а да биде најсмешно, од ваквиот пристап се откажуваат земјите кои некогаш први го донесоа принципот, да речеме Кина. Комунизмот колективите ги дели класно, фашизмот национално но на крајот од денот и двете идеологии признаваат само колективи, нивни опонент е оној кој во центарот ја става индивидуата, а тоа, барем до пред некое време беше НАТО.

Дополнително симптоматично е што законот е донесен како резултат на договор потпишан под знамето на голема Албанија на масата на премиерот на Албанија, Еди Рама. Ова е начинот на кој НАТО прифаќа да се креираат политики? Каде се сега зборовите на Труман за окупаторските чизми? Нели е ова класичен пример за окупаторска чизма? Премиер на една држава да наметне закон во друга држава, кој се однесува на етничкиот колектив доминантен во неговата држава.

Генсекот на НАТО го поздрави и договорот за добрососедство со Бугарија, кој има уште поколективистички карактер. Имено, со овој договор целосно се кршат индивидуалните права на Македонците од Бугарија со тоа што нив целосно им се забранува било какво организирање, а на Македонија и се забранува да ги брани. Ова е класично кршење на индивидуалните права на оние кои во Бугарија се чувствуваат како Македонци а ги има минимум 30.000. Дополнително, овој договор исто е проблематичен од либерален аспект, затоа што тој не регулира односи помеѓу држави, туку односи помеѓу колективи, затоа што задира во историјата. Историјата на еден народ не претставува сопственост на државата, не е тоа ни злато, ни територија,  ни нафта, ни било каков ресурс. Историјата не може да биде предмет на политички договор, затоа што тоа е наука, а државите не се тие кои одлучуваат што е научна вистина. Ако денес одлучат дека вашиот дедо бил Бугарин, како што одлучија, утре ќе имаат право да одлучат дека 2+2=5.

Генезата на договорот со Бугарија, може исто така да ја видиме во системот против кој НАТО се бореше во дваесетиот век. Анти-македонизмот во Бугарија нагло почнува во времето на комунистичкот диктатор Тодор Живков, кој гордо својата земја ја предводеше во Варшавскиот воен пакт, кој беше архитип за непријател на НАТО, односно Атланскиот пакт беше создаден да се бори против комунизмот и Варшавскиот пакт. Е сега, платформата на Тодор Живков беше званично и со потпис прифатена од македонскиот премиер Зоран Заев а потоа беше и ратификувана во Собранието на Република Македонија. На крај, овој тотално анти-либерален договор беше аминуван и од НАТО. Замислете НАТО вака да се однесуваше и да го прифатеше условувањето на Русија кон балтичките земји? Или пак во Украина? Затоа што она што Бугарија и го прави на Македонија е многу слично на она што со децении Русија и го правеше на Украина.

За некој да не помисли дека имам двојни стандарди кога се во прашање македонското и албанското прашање. Во Македонија никој никогаш не им забранувал на Албанците да се организираат и да се изјаснуваат како Албанци. Значи, никој никогаш, од времето на СХС, преку Кралството Југославија и СФРЈ па се до независна Република Македонија. Тие секогаш си биле Албанци и никој тоа не им го негирал, така што оние кои зајадливо ќе најдат двојни стандарди во мојов текст веднаш да ги одвратам – никој Македонец не бара Албанците да престанат да бидат Албанци а многумина од соседството бараат Македонците да престанат да бидат Македонци. Тука е клучната разлика и тука е разликата помеѓу индивидуализмот и комунитаризмот, помеѓу слободните луѓе и боргите. Ние сакаме како индивидуи да имаме право да се идентификуваме, Албанците сакаат како колектив да се наметнат над сите индивидуи.

На крајот, сосема на кратко би сакал да го прокоментирам и учеството на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието за време на обраќањето на Столтенберг. Знам, изгледа невкусно, но, јасно е зошто партијата мораше да присуствува. И покрај тоа што се под постојана репресија, челниците на ВМРО-ДПМНЕ според мене донесоа вистинска одлука. И така до сега без никаков аргумент и доказ партијата беше обвинувана за „русофилија“ од лефтардите како Столтенберг, иако освен руска салата на маса, ВМРО-ДПМНЕ во изминатите години немаше никаква политичка конекција со Русија. ВМРО-ДПМНЕ за да продолжи да биде единствена про-македонска опција во Македонија, мора да докаже и дека е прозападна партија. Тоа е факт, понекогаш ќе голтаат кнедли како некни, но за Македонија се работи.

И покрај се Македонија мора да влезе во НАТО, немаме друга разумна алтернатива, ни останува само да се надеваме дека НАТО ќе добие идеолошки ребрендинг и ќе се врати на старите патеки. Веројатно тогаш ќе си ги отворат очите и ќе сватат кој е русофил и кој ги остварува интересите на Русија со тоа што не блокира. До тогаш ќе биде исто, и да го смениме името пак ќе најдат начин да не блокираат. Зарем некому не му е јасно дека Русија истура толку пари во Грција за таа да одработува двојно минирање внатре, во НАТО, едно преку блокирањето на Македонија и друго преку постојаните тензии со Турција.

Сосема на крајот, многу ми е драго што претседателот на Америка, Доналд Трамп, неколкукратно ќе ги намали парите кои од буџетот на САД се слеваат во НАТО. Добро е што ваквите бирократски пацови како Столтенберг ќе останат со скратен буџет и со многу помалку пари ќе го шират НАТО Ленинизмот во уценетите и кутри земјички како нашата.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top