вторник, 16 октомври 2018 | Вести денес: 95 ново

Ристо Бомбата останува без 36.000 евра, МРТВ ги поништи конкурсите

Македонската радио телевизија ќе ги поништи двата конкурси од 2017 година за финансирање на песни според Законот за поддршка на домашната музичка продукција.

На вчерашниот состанок меѓу претставници на Министерството и МРТВ , донесена е одлука, по спроведениот надзор и по насоките дадени од Министерството за култура, МРТВ да ги поништи одлуките за избор и одлуките за неизбор по основ на вториот и третиот квартал од 2017 година.

„На состанокот заеднички беше констатирано дека актуелниот Закон е тешко применлив и дека не ја исполнува функцијата за која е донесен. Претставниците на Министерството за култура и МРТВ се договорија во иднина заеднички да ги координираат активностите во насока на поддршка и развој на домашната музичка продукција“, велат од Министерството.

На последниот конкурс композиторот, текстописец и аранжер Кристијан Габроски, познат како Ристо Бомбата, доби пари за 11 песни, пејачот и композитор Ѓорѓи Крстевски за четири, а пејачот и композитор Александар Ристовски – Принц за три песни. На последниот конкурс кој заврши на 29 декември, потрошени се вкупно 102.000 евра за вкупно 38 песни. Габроски е автор на композиции што вкупно добиле 36.000 евра.

 

„Со овие одлуки на МРТВ, објавени на 5 јануари годинава се создаваат дополнителни непредвидени финансиски импликации и долгови врз буџетот за култура. Во моментов, Министерството за култура ги анализира финансиските импликации со кои ќе се оптовари буџетот. Факт е дека Законот е сѐ уште на сила и дека МРТВ засега постапува по него, сѐ додека Собранието не го усвои предлогот на Министерството за култура да се укине овој Закон. Но, Министерството за култура ќе преиспита дали овие одлуки на МРТВ донесени во новата година на 5 јануари, за конкурси кои се поврзани со програмата и буџетот од минатата година, се валидни и во согласност со законските прописи“, рекоа од Министерството за култура.

„Министерството за култура до Владата на РМ веќе го поднесе предлог-законот за престанување на важењето на Законот за поддршка на домашната музичка продукција, со клучни аргументи дека овој Закон не придонесе за зголемување на квалитетот, ниту пак донесе до напредок и развој на музичката продукција и индустрија. За жал, повеќето од композициите воопшто не наидоа на прием ниту беа слушнати од поширока јавност, а ниту беа промовирани и емитувани интензивно на македонските радија и телевизии. Речиси на сите објавени резултати по конкурсите, кои се инаку квартални во една година, имаше големи реакции во јавноста – дека се финансира неквалитет и шунд, и дека овие конкурси се уште еден клиентелистички механизам за купување на наклонетоста и послушноста на одредени музички уметници“, стоеше во соопштението од Министерство.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top