среда, 23 мај 2018 | Вести денес: 113 ново

Токсична вселенска станица ќе се урне околу Велгден во Грција

Кинеската вселенска станица „Тиангонг-1“ која што неконтролирано паѓа кон Земјата, би требало да влезе во нашата орбита во следните три месеци. Експертите сега предупредуваат дека станицата содржи отровни хемикалии.

Експертите предупредуваат за токсични елементи на вселенската станица којашто моментално ја следат сите вселенски агенции и предвидуваат каде може да се урне. Најверојатно е дека делумно ќе изгори за време на влегувањето во атмосфера, но се очекува од 10% до 40% од деловите да го издржат судирот и да паднат на Земјата.

Според податоците на кинеската вселенска агенција, просечнта орбита на „Тиангонг-1“ паднала од 289,1 километри на 281,3 километри од декември 2017 година. Европската вселенска агенција најпрвин објави дека падот на станицата се очекува на 12 јануари, а сега го променија распоредот и соопштија дека падот е можен од 17 март до 21 април.

Сепак, од таму велат дека луѓето не треба да се грижат поради остатоците, затоа што шансата да бидат погодени од нив е милион пати помала од шансата да добијат џекпот.

„Во историјата на вселенските летови не е забележано дека некое лице било повредено од остатоци на летала што влегле во атмосферата. Само едно лице добило удар, но не било повредено“, соопштија од калифорниската корпорација Аероспејс корп.

Кога е во прашање местото каде што се очекува да паднат остатоците на кинеската вселенска станица, вклучени се Шпанија, Италија, Индија, САД, како и земјите од нашето соседство, Грција и Турција.

Контакт со станицата нема од 2016 година, а истата била напуштена уште во 2013 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top