сабота, 18 август 2018 | Вести денес: 0 ново

Македонецот простум пред олтарот на честа

Ламбе Арнаудов, колумнист

Џеси меси, Џеси премеси, Џеси размеси и Џеси замеси, фурнаџии испечи, неразбрани трговци продади исплашениот, сиромашен и прегладнет народ изеди. Вака среќно денес се живее во златниот кафез што уште некое време ќе се вика Македонија и е најзапоставениот дел од глобалната зоолошка градина што се нарекува слободен демократски свет. Згора на тоа нашиот кафез е уникатен.

Иако е проектиран од неповикан надворешен, светски познат, универзален архитект, изграден е од наши неимари, мајстори и слободни ѕиради на само нас својствен начин. Без милиметар отстапување од генералниот и детален урбанистички план, нашите градители доброволно скелињата ги поставиле одвнатре, сами сме се самозаѕидале, без влезни и излезни врати, со прозори од затемнети дуплекс стакла, низ кои од внатре према надвор ништи живо не се гледа, а од надвор постојано не набљудува нашиот оброчинител за веднаш да реагира и да не дозволи нешто да не ни недостасува. Испусниот канал за луѓето со чиста духовна политичка и идеолошка хигиена е многу мал и строго контролиран за никој незабележен да не може да излезе и да се исчисти од калта и од гнасотијата. Тоа многу лесно се мие , ама срамот и образот на тие што ќе останат внатре ни сите сапуни, детергенти и други хигиенски средства не можат да го измијат.

МАКЕДОНЕЦУ, сега ТИ е вистинскиот момент да се соочиш лице влице самиот со себе, исправен простум, секој пред сопствениот олтар на честа.

Ќе мислиш или ќе ти го смислат, ќе стоиш или ќе коленичиш, ќе одиш или ќе лазиш, ќе зборуваш или ќе те замолчат, ќе се бориш или ќе се лигавиш, ќе газиш или ќе бидеш згазнат, ќе водиш или ќе те водат, ќе јадеш или ќе те товат, ќе си нормален или кукавица, ќе учиш или ќе те научат, ќе бидеш човек или биоробот и конечно ќе си некој или никој. Дали ќе го земеш и љубоморно ќе го чуваш она што го сакаш или ќе го засакаш она што со сила ќе ти го дадат, одбери.

Имаш мозок во главата и нозе во чевлите па сам одбери си го патот по кој ќе тргнеш.

Твојата татковина се распаѓа, твојотнарод исчезнува, а ти сеуште си на трибините. Никој не може дома да ти дојде да те понижи и да те победи.

Не надевај се на така наречената авангарда, нацијата ја создаваат и чуваат сиромашни, обични и едноставни луѓе.

Одбери дали ќе припаднеш на генерацијата која храбро ќе ги прегрми овие бурни и решавачки денови или и ти ќе се изгубиш, ќе исчезнеш во празнината на прескочената, себична изгубена и пропадната генерација која сопствениот народ ќе го претвори во азилантска орда, во својата татковина што безобзирно ќе дозволиш да изчезне засекогаш пропуштајќи ја низ твоите лизгави прсти. Стегни ја тупаницата и сочувај ја тоа ти е света должност кон предците и кон иднината што на ваков начин насилно ќе им ја одземеш и своите сонародници ќе ги направиш безимени за време на животот и без спомен над нивните надгробни плочи. Омразените квинслинзи на фиререрот му предаваа коридори, патишта, дел од својата војска, суровини и енергентски материјали, ама никој како овие не ги испорачале народот и татковината.

Презрените и омразени денешни политичари од власта, некрофили кои својот народ го сакаат само мртов, а од живите се обожуваат само себеси. Браво за синфонискиот оркестар на СДСМ и нивниот диригент за маестралната изведба на ТОТЕНФАЕР прославата на смртта на сопстениот народ за што публиката неколку пати на бис ве врати на сцената задоволувајќи ги своите уметнички апетити изразени преку канибалско проголтување на цели народи.

За ова, со задоволство би ве задавиле и Мајка Тереза и Махатма Ганди, но ваквиот крај нема да го дочекате затоа што за вас тоа би било избавување. Вас, на долгиот пат до деветте пеколски кругови ве чекаат деведесет земски кругови на измачување процес кој ќе биде претворен во постепено и успорено самоубиство.

Само за разлика, многубројните странски туристи кога го посетуваат Париз се воодушевуваат од неговите знаменитости, Лувр, Монмартр, Шанзелизе, Мулен Руж, операта, Ајфеловата кула и др. Спротивно на ова Французите од внатрешноста кога доаѓаат во Париз прво го посетуваат Домот на инвалидите што го изградил Наполеон во чест, слава и благодарност кон неговите војници, патриоти и родољуби и на таков начин цела нација им ја искажува заслужената почит. Антоним на Домот на инвалидите во Париз во Скопје е Домот на инвалидизираните пратеници од власта.

Но, не ги кривам само нив, по малку се успавме и не фатија на една нога. Бргу заборавивме и како да не верувавме дека можат повторно да бидат толку брутални, опасни, сурови и одмаздољубиви, иако во минатото честопати ни приредувале вакви претстави. Ама, поставувајќи им многу пречки на народот така го прават посилен и поотпорен и со мнигу повеќе елан и енергија го оспособуваат да го живее животот и тогаш кога не е поднослив за живеење. Тогаш полесно се препознаваат вистинските вредности, се изразува поголема почит и се препозава патот за нивно достигнување и нивна примена за посреќен живот.

Многу брзо и најголемите скептици ќе разберат дека со народ нема играње, центарот на гравитационата моќ е тој, а сето останатото се врти во неговата орбита кој поблиску кој подалеку, ама секогаш сите можат лесно да бидат откачени од гравитацијата и да се испратат во вечниот заборав и срам.

И тоа не е се, внимавајте строго на наредните поставени бусии. Во првата веќе паднавме, проектот превентива им успеа затворија невини луќе за да го заплашат народот и се одбранат од неговиот револт. Втората бусија е Сан Моне. Прокопајте малку по историјата ќе видите што ни донел Париз со своите предградија, порано Версај сега Сан Моне и уште малку порано источниот или мал Париз- Букурешт. Третата бусија ќе продадеме пет деликатесни вредности име, јазик, идентитет, историја и народ, а ништо за возврат нема да добиеме. Се ќе застане при верификацијата која ќе треба да се донесе пооделно од некој парламентарни буништа. Последната најопасна. Референдум. Ако бевме сведоци на предизборен, изборен и пост изборен инжињеринг зошто да не ни се случи, предреферендумски, референдумски и постреферендумски инжињеринг.

Баталете инжињери, тие се да прават трактори и машини, ти верувај му на трајно воспоставената генетска репродукциска врска која немој да ја прекинуваш од дедо ти, татко ти преку тебе до децата и внуците. Навидум многу лесно и природно ама во овие времиња тешко изводливо. Ќе треба максимално да се потрудиш.

Господине Заев мислев или бар така ми се причинуваше дека излегуваш од типичното, стандарно клише на коминтерновските остатоци од СДСМ. Се радувам кога те гледам постојано дека си во друштво со црковните Големодостоинственици им бакнуваш рака, се поклонуваш и се прегрнуваш, се уверивме дека си дарежлив донатор дури и ктитор. Затоа немој да го заборавиш првото начело на кодексот на христијанството простувањето, кое е закон над сите закони. Ако од некого со радост си примил дар должен си со срце и душа да го даруваш на секого. Еднаш пред десет години ти таков дар прими ред е сега да го даруваш на другите. Во овој момент тоа ќе ги смири затворените патриоти, нивните семејства, ќе те смири и тебе самиот, но најмногу ќе допринесе на смирување на политичките тензии во Република Македонија. Не е закана, само за отрезнување и освестување твојот народ е во постојана политичка, деолошка и психолошка граѓанска војна која лесно може да се претвори во вистинска. Не дај Боже. Спречи го најлошото најмоќен си и најодговорен. Во овој момент најважно е да го оставиш настрана, навредливиот прекар, Западен Балкан што во превод значи магарешка клупа од улилишните денови и кој се води со најнечовечите принципи на законот на посилниот-дарвинизмот.

Кога сме веќе кај религијата. Господо свештеници, монаси, игумени, архиереи и Господин Господин Поглавар и сиот останат клер ви порачувам. Продадете ги луксузните автомобили и скапи џипови. Нема да ви требаат. За многу историски кусо време, Вас и верниците на литургија до голем број светилишта кој ќе бидат оградени со телени мрежи и чувани од туѓинци во униформи ќе ве возат во тенкови и други борбени возила, во конвои и со наоружана придружба и тоа само на големи празници со благовремено прибавена дозвола зошто инаку може да бидете одбиени.

Ги има многумина мислам дека седум или осум, а можеби и многу повеќе дури десет кажуваат дека пишувам глупости. Близу сте ама не во центарот. Јас пишувам за вие глупаците да се препознаете во текстот и сами да се соголите и да бидете исплукани и каменувани од сопствениот народ. Не ви се лутам ама и на маслат не ве ставам. Јас никогаш не пишувам што сте вие, туку што не сум јас.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top