понеделник, 21 мај 2018 | Вести денес: 84 ново

Строги мерки за заштита на зеленилото со новиот закон за урбано зеленило

Покрај законот за амнестија, Собранието на денешната 30-та седница, ги донесе и законите за изменување и дополнување на законите за архивски материјал, за електронските комуникации, за основање на Македонска академска истражувачка мрежа, за заштита на културното наследство и на законот за филмската дејност.

Сите тие беа поднесени од Владата и се однесуваа главно на психолошките и тестовите за познавање странски јазици како обврска за раководните лица во институциите. Со законските измени, се исфрлаат тие тестови како задолжителни за директорите и членовите на одборите, како и за некои вработени.

Потоа беше донесен и законот за урбано зеленило поднесен од пратениците: Лилјана Поповска, Маја Морачанин, Петре Шилегов, Стефан Богоев, Благој Бочварски, Диме Велковски и Ејуп Аљими. Тоа е прв таков закон што се донесува и предвидува опсежна грижа за зеленилото.

Во законот стои обврска за изработка на зелен катастар на градот, односно попис на целото зеленило, по број, вид и состојба. Внесен е стандардот од 25 м²/жител зелена површина, за сите идни Генерални урбанистички планови, како и најмалку 20% зелена површина на секоја градежна парцела, зависно од намената и локацијата. Во веќе изградени блокови се прави компензација со поставување дрвореди и зеленило во жардињери, на покриви и фасади. Предвидена е строга заштита на постојното зеленило, особено на капиталните примероци, независно од видот на сопственоста. Се утврдуваат стандарди и нормативи за планирање, проектирање и одржување на зеленилото, како и носители на одржувањето.

Работата на Собранието застана кога на дневен ред дојде Дополнетиот предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за административни службеници во второ читање, но претседателот на Собранието, Талат Џафери, рече дека собраниските служби го известиле дека во текстот има одредени технички грешки и прогласи пауза, за да може грешките да се корегираат.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top