среда, 14 ноември 2018 | Вести денес: 0 ново

МНР на Бугарија: Поддршката за Македонија е стратешки избор на Софија

Бугарското Министерство за надворешни работи ја поздрави ратификацијата на Договорот за добрососедство во македонскиот Парламент, со кој што се реафирмира волјата за градење добри соседски односи, како важен елемент за европската перспектива на сите земји од Западен Балкан.

– Република Бугарија ќе продолжи да биде активна во нејзината поддршка за европската интеграција на Република Македонија. Ова е стратешки избор на нашата земја, поткрепен со приоритетите на бугарското претседателство со Советот на ЕУ, пишува во соопштението од бугарското МНР.

Оттаму додаваат дека Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Република Македонија се темели на европските вредности кои го прават регионот пообединет и посилен.

Инаку, Договорот за добрососедство го потпишаа премиерите на двете земји Зоран Заев и Бојко Борисов на 1 август 2017 во Скопје, а бугарското Народно собрание го ратификуваше лани во ноември.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top