недела, 24 јуни 2018 | Вести денес: 1 ново

Вујо го призна поразот: Македонија ја заслужи победата!

Селекторот на Словенија, Веселин Вујовиќ, го призна поразот и им ја честита победата на македонските ракометари кои вечерва во Загреб ја совладаа Словенија со 25-24 (11-11) во мечот од 1. коло во групата Ц на ЕП кое се одржува во Хрватска.

– На крајот на првиот дел и почетокот на второто полувреме ѝ дозволивме на Македонија да се разигра, а подоцна да го преземе водството. Во тие моменти ни беше тешко да се вратиме во игра. Заслужена победа на Македонија, па сега нам ни останува да бркаме победа над Црна Гора и Германија – изјави популарниот Вујо кој во еден период од својата кариера беше селектор на Македонија.

Вујовиќ е миленик на македонската публика, а тој секогаш има најпофални зборови за Скопје, за клубот Вардар каде што беше тренер и посебно за „Комитите“. Сите ги паметат драматичните дуели меѓу Вардар и Метелург. Но, дел од македонската јавност никогаш нема да му ги заборави изјавите додека тој ја предводеше македонската национална селекција. Во еден квалификациски циклус и тоа токму против Словенија, Македонија загуби во реванш-натпрварот кој тогаш се играше во СРЦ „Кале“. Словенците се пласираа на СП, а Македонија остана со празни раце. Тогаш популарниот Вујовиќ изјави дека македонските ракометари не се бореле доволно за победа.

– Да беа моите Црногорци, Словенците ќе си заминеа со скршени нозе од тука – изјави тогаш Вујовиќ.

Македонија утре има слободен ден на ЕП, а в понеделник е вториот меч, против селекцијата на Црна Гора. Стартот е закажан за од 20.30 часот, во загрепска „Арена“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top