вторник, 23 октомври 2018 | Вести денес: 4 ново

Лазаров за Червар и хрватската репрезентација: Со Лино се на сигурно

Капитенот на македонската ракометна репрезентација, Кире Лазаров, во изјава за хрватскиот портал „24 сата“ имаше само пофални зборови за поранешниот селектор на Македонија, а сега „изборник“ на хрватската репрезентација и тренер на Металург, Лино Червар.

Червар доби задача да ја води Македонија во квалификациите за ЕП, но ја напушти клупата за да ја преземе Хрватска, со која сака да го освои последниот медал кој го нема во своите витрини, а тоа е златото од континенталниот шампионат. Оваа одлука беше дочекана со негодувања во Македонија, а во последните денови се појави негова изјава, односно реплика до легендата на македонскиот ракомет, Пепи Манасков, дека доколку не беше тој (Червар) Македонија сега ќе немаше репрезентација.

Капитенот Лазаров не додаде масло на огнот, а во изјава за „24 сата“ имаше само пофални зборови за Червар.

Горд сум и пресреќен што Лино Червар беше наш селектор и што со години беше дел од македонскиот ракомет. Тој направи големи работи за нашиот ракомет, поради што го обожаваме. Низ неговите раце во Металург минаа две генерации наши ракометари. Се што правеше во Скопје беше одлично и тоа никогаш нема да го заборавиме, изјави Лазаров.

Лазаров во интервјуто вели дека момците се подготвени на крилата на навивачит да дотуркаат до вториот круг.

-А потоа се е возможно, додаде Лазаров кој се осврна и на хрватската репрезентација на ЕП.

-Фаворити за медали има неколку. Хрватска предводена од Лино сигурно ќе дојде до полуфиналето, а потоа мора да биде на ниво во тие два натпревари. Само немојте да им набивате преголем притисок. Најважно е првенството да го започнат добро и потоа тој воз на Лино тешко ќе биде запрен. Червар веќе десетина години е еден од најдобрите тренери на светот. Не се сомневам дека одлично го подготвил тимот, заклучи нашиот капитен.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top