сабота, 23 јуни 2018 | Вести денес: 25 ново

Хрватска го отвори ЕП со убедлива победа над Србија

Се очекуваше дека Хрватска ќе ја победи Србија, на отворањето на Европското ракометно првенство, но таа отиде подалеку и ја збриша со 32-22, покажувајќи дека силно го посакува тоа злато, единствениот медал кој им недостига, поради кој Лино Червар беше вратен на селекторското столче.

Хрватите трпеливо ја чекаа шансата, чекаа Србија неминовно да падне и тогаш ја урнаа. Имаа благо водство, кое траеше некаде до 20. минута, кога беше 10-9, а потоа почнаа да мелат. Србија не постигна ниту еден гол до крајот на полувремето, Мирко Алиловиќ се истакна со неколку важни одбрани, а Лука Степанчиќ предводеше во нападот со пет гола дотогаш, за 14-9 на паузата.

Во вториот дел се виде големината на Хрватите, кога Лино Червар почна да ја става во игра „втората постава“, која само продолжи да гази во ист ритам. Нивниот репертоар делуваше неверојатно, со Степначиќ, Циндриќ, Карачиќ, Дувњак како нерешлива закана кон голот на Србите. Завршните 10 разлика беа и највисоки на натпреварот, а најзаслужен за нив беше Степанчиќ со шест од шест, Мануел Штрлек имаше шест од осум, а Мирко Алиловиќ беше прогласен за МВП на мечот, иако бранеше само едно полувреме и запиша пет одбрани.

Кај Србите најдобри беа Петар Ненадиќ со шест гола и Немања Зеленовиќ со пет. Претходно во оваа група Исланд ја изненади Шведска со 26-24.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top