четврток, 20 септември 2018 | Вести денес: 76 ново

Инспекторатот смета дека со бадникарските поворки не е прекршен Законот за основно образование

Инспекторите од Државниот просветен инспекторат утврдиле дека со учеството на учениците во бадникарските поворки во саботата не е прекршен Законот за основно образование, бидејќи децата во таа верска манифестација не биле организирани во училиштата што е казниво со закон.

Тие изминатите денови направиле надзор и добиле записници од 162 училишта од повеќето градови низ Македонија, меѓу кои и од 34 основни училишта во Скопје. Од официјалните записници што инспекторите ги добиле, заклучено е дека во ниту едно училише нема повреда на Законот за основно образование, бидејќи не е констатирана подготовка и план за верската прослава.

Директорот на Државниот просветен инспекторат, Томе Спировски вели дека немало ниту една поплака од родител дека детето му било злоупотребено, а според сознанијата добиени од записниците, учеството во поворките за Бадник било организирано преку социјалните мрежи.

Инспекцискиот надзор во училиштата се случи на барање на Министерството за образование и наука, откако во јавноста излегоа информации дека и некои училишта се вклучиле во организација на настанот. Од МОН посочија дека не дале согласност за подготовка или организирање на учениците за учество во бадникарските поворки, како и дека во Законот за основното образование во членот 11 е наведено дека „во основното училиште се забранува политичко и верско организирање и дејствување“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top