недела, 24 јуни 2018 | Вести денес: 1 ново

Одложено судското рочиште за „Фени“

Судското рочиште за „Фени“ кое денеска требаше да се одржи во Велешкиот суд е одложено за 7 февруари. Одлагањето, како што дознаваме, е поради тоа што до сега не се формирни органите, ниту пак е подготвена документацијата потребна за почнување на постапката. Денеска требаше да се одржи и седница на Собрание на доверители, но и таа не се одржа бидејќи нема одлука на судот за признавање на побарувањата на доверителите.

И додека се прави обид да почне стечајната постапка, која беше најавено дека брзо ќе заврши почнаа реакции од компаниите на кои им должи „Фени“.

Вчера фирмите кои го вршеле транспортот за „Фени“ писмено се заканија дека ќе блокираат секакво рестартирање на компанијата, ако не им се исплати долгот.

„Сакаме да упатиме јавна порака до сите учесници на ова рочиште дека здружението „Кипери“ од Кавадарци односно сите соптвеници на овој тип камиони кои вршеле транспорт и имаат побарувања од „Фени“ нема да дозволат комбинатот да продолжи со работа ако не им биде исплатен долгот во целост односно до последне денар. Сите знаеме дека ние преставуваме еден од најголемите доверители“, се вели во писмото на транспортерите.

Синдикатите пак се загрижени за судбината на вработените во „Фени“ откако стечајниот управник распиша меѓународен оглас за давање под наем на „Фени“.

– Во огласот нема никаква клаузула поврзана со работниците и нивниот ангажман. Од друга страна пак стечајната постапка се уште не е почната. Не се формирани ниту потребните органи кои треба да даваат мислења. Тоа укажува дека и овој стечај може да трае долго иако беше речено дека за еден до два месеца ќе биде завршена постапката- вели Маре Анчева од СИЕР.

Стечајната постапка во „Фени“ почна на крајот на ноември по барање на три банки Комерцијална, Стопанска и Силк роад Банка. До сега сите закажани рочишта се одложени.

Во меѓувреме стечајниот управни објави оглас за давање под закуп на „Фени“ кој трае до денеска.

Долгот на Фени се проценува на 62 милиони евра. Најголеми доверители се банките кои побаруваат 40 милиони евра.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top