вторник, 23 јануари 2018 | Вести денес: 36 ново

Фитнес центар му даде доживотно членство на дете бегалец од Сирија откако ги гледал справите преку излог

Млад сириски бегалец доби доживотно членство во локалниот фитнес центар од јужна Турција, откако во јавноста се прошири фотографија на која тој е застанат пред излогот на салата и гледа во опремата за вежбање.

12-годишниот Мохамед Калед, кој работи како чистач на чевли во провинцијата Адијаман, е сликан пред центарот со столчето за чевли преку грбот. Откако фотографијата се проширила преку социјалните мрежи, сопственикот на фитнес центарот, Енгин Доган, успеал да го пронајде момчето и да му понуди целосен пристап до просториите за вежбање, пренесува Индепенденд.

„Момче, кое гледа низ прозорецот на фитнес салата, носејќи влечки среде зима и носејќи го ранецот. Нашата цел беше да го најдеме и да му понудиме доживотно членство. И успеавме во тоа. Сега тој е еден од нашите членови“, изјавил Доган за новинската агенција Хуриет Њуз.

Калед потоа бил фотографиран како вежба на фитнес справите и за агенцијата Анадолија изјавил дека е пресреќен со можноста која ја добил.

„Ме пронајде и ми помогна. Отсекогаш сакав да бидам послаб и сега верувам дека можам да го направам тоа преку вежбање“, рекол Калед.

„Многу ме погоди ситуацијата бидејќи и ние сме биле сиромашни и во нашето време немаше фитнес центри. Турските граѓани се многу чувствителни по ова прашање како и јас, мислам дека правиме нешто многу добро“, изјавил другиот сопственик, Мустафа Кучукаја.

Сопствениците на фитнес центарот биле поздравени на социјалните мрежи за нивното добро дело.

„Продолжете да бидете инспирација за светот. Она што го давате, се враќа“, напишал еден корисник на Инстаграм.

Според Агенцијата за бегалци на Обединетите Нации во Турција живеат 3,3 милиони регистрирани бегалци од Сирија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top