петок, 19 јануари 2018 | Вести денес: 78 ново

„Македоника литера“ го објави романот „Исушено блато“ од најконтроверзниот хрватски писател Јанко Полиќ Камов

Друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“ од Скопје неодамна го објави романот „Исушено блато“ на најконтроверзниот хрватски писател и предвесник на хрватската авангарда – Јанко Полиќ Камов, во превод од хрватски јазик на Татјана Ѓорговски.

Јанко Полиќ Камов е декадент, егоцентрик, чудна и контроверзна личност, апокалиптичен поет, прв хрватски поет на асфалтот. Тој е најнеобичната фигура во новата хрватска литература, авангардист пред да настапи хрватската книжевна авангарда, неприфатен и несфатен во своето време, но и забрануван. Ја оспорува традицијата, ги отвора табуата, внесува иновации во литературата. Во неговите дела има сатира, сарказам, еротизам, револт против канонскиот морал; пишува жестоко, радикално, директно и искрено. Живее слободоумно и разуздано, а неговото творештво се потпира на автобиографските елементи и на неговиот немирен дух. Допира многу табуа за сексот, развратот, пороците, болестите, лудилото, смртта…

Најпознато дело му е романот „Исушено блато“ – своевиден интимен дневник на авторот. Слободен е во исказот и отворено и со иронија пишува за сè што го опкружува главниот лик, од општествените состојби до алкохолизмот, садизмот и инцестот. Имал голема слобода во животот, но и во пишувањето.

Романот е поделен на три дела – „На дното“, „Во широчина“ и „Во височина“, ги следи интимното и хрониката во раскажувањето, што претставува збир на клучните карактеристики во неговата новелистика: авангардистички пресврт во поглед на традици­ја­та, т.е. наследените композициско-организациски начела на дотогашната проза, грчевита смена на интроспективните одломки и егзистенцијалистичките, моралистичките дискусии, парадокси и апсурди.

Романот ги проблематизира егзистенцијалното, онто­лош­ко­то и историското искуство на битието и неговите „рас­прска­ни“ кореспонденции во светот кој сè повеќе се отуѓува. Тоа дело е еден вид антиципација на достигнувањата на Лоренс, Џојс и Пруст, и со него Камов се потврдува како вистинска хрватска авангарда токму според школските елементи на аван­гардната парадигма: активизмот, антаго­низмот, нихилиз­мот, агонизмот, оспорувањето на постојните структу­ри, антиес­тетизмот. Така, со него, во вистинската смисла на зборот, почнува хрватската авангарда.

„Исушено блато“ е пример за дело од раната фаза на авангардата кога сè било насочено кон новите методи во книжевноста, со чија помош писателите сакале ја ги заинтересираат читателите. Во ова дело се присутни елементи на авангардата, модернизмот и поетиката. Камов сакал да им се спротивстави на тогашните доминантни форми на книжевните дела, па неколкупати се послужува со негирање и шок, што потоа со децении ќе претставува една од најважните насоки во литературата.

Додека се занимавал со хрватската модерна, Камов се трудел да пишува поинакви дела. Поради тоа „Исушено блато“ во историјата на хрватската литература и на романот, често е нарекуван антироман. Едноставно, Камов сакал да биде посебен и по тоа останал ненадминат во хрватската литература.

Романот е приказна за Арсен Топлак, млад интелектуалец и писател. Во првиот дел „На дното“ тој открива дека боледува од опасна болест која била вообичаена во тој период – на самиот почеток на 20 век. На својата болест гледа како на предност, затоа што му овозможува поинакво искуство од обичните луѓе. Раскажувањето е во трето лице, а освен темите за пријателството, ги опфаќа семејните ситуации, проблемите од социјалната природа и љубовните врски.

За разлика од првиот дел, другите два дела се напишани во прво лице еднина и во нив главниот лик е Арсен Топлак, само што тука ја раскажува приказната од лична перспектива. Основните мотиви се сиромаштвото, болеста, неостварената љубов и бунтот на интелектуалците. На крајот на третиот дел стои потписот на наводниот автор „Анте Топлак“. Тоа е дел од играта на Јанко Полиќ Камов во постапките и комбинациите на методите на раскажување, така што си зема слобода во стилско-јазичната изведба, многу често и лирски интонирана, со употреба на архаизми, жаргони и дијалектизми, но и со нестандардна граматичка реченица. Истовремено, тоа е и неговата критичка призма на тогашните општествени и морални вредности и норми. Всушност, тоа е времето во кое живее авторот, односно тоа е одраз на неговата немирна и контроверзна природа и на неговиот начин на живеење.

Јанко Полиќ Камов (1886 – 1910) е еден од ретките писатели во севкупната историја на хрватската литература чиј авторски глас е не само наспореден и автентичен, туку и со претходнички книжевен сензибилитет на својата доба, а станува авангардист пред авангардата која во Хрватска ќе настапи дури по неговата прерана смрт.

Јанко Полиќ Камов се појавува во периодот на хрватската модерна кога конечно хрватската литература им се приклучу­ва на европските текови. Тој не припаѓа на ниедна од двете доминантни струи: артистичката (која го нагласува приматот на естетичките дела) и општествено-прагматичката линија на дејствување (што ги преферира просветителските тенденции). Тој е самостојна и бунтовна индивидуа, необичен случај и за хрватската и за европската литература.

Во своите дела еротизмот го воздига во виталистичка и движечка сила која го поткопува општественото лицемерство. Камов бил евока­тор на самракот, агонијата, патологијата, безизлезноста, очајот, на контрастните и екстремните телесни и душевни состојби…, кои излегуваат од неговите лакрдии со неочекува­ни и парадоксални пресврти.

Неговите дела не биле прифаќани за време на неговиот живот, како од критиката, така и од уредниците и издавачите. Го одбиваат сите издавачки куќи, но и театрите за драмите. Единствениот и постојан мецена е неговиот имотен брат Владимир, кој му овозможува за кусо време да ги објави првите четири книги. Умрел од туберкулоза на непол­ни 24 години, а за кусиот живот напишал релативно богат опус. Автор е на книгите: Пцост (1905, поезија) и Иштипана хартија (1907, поезија); Прикажувања (1914, нове­ли, написи и фељтони: Ecce Homo, Брада, Слобода, Жалост, Катастрофа, Неранимајко, Жена, Костум, Тавта­бита), на драмите: Трагедија на мозоците (1906), На родната грутка (1907), Манастирски драми (1907: Оргија на мона­си­те, Девица), Човештво (1908), Маминото срце (1910) и на романот: Исушено блато (1906-1909).

Неговото најпознато дело, романот „Исушено блато“, кој се смета за провокативен урбан роман, во Хрватска не бил објавуван до 1957 година.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top