вторник, 23 јануари 2018 | Вести денес: 35 ново

Никако да не се користат: Остатоци од хлор во кашичките на ДМ

Редовна контрола на кашичките Бејбилав еко од јаболкo и зрнесто овошје 4+ во пакување од 190 грама, кои се продаваат во германскиот синџир продавници “Дрогери маркт” (ДМ), утврдила присуство на хлор. Овие отровни кашички се со рок на траење до 5 јули 2019 и веднаш се повлечени во Хрватска и Германија, а германскиот синџир продавници ДМ донел одлука превентивно да ги повлече од пазарот екокашичките од јагода, малина и јаболка со нето-тежина од спорната серија.

Од македонската Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) и од “ДМ” велат дека досега во Македонија не е извршен увоз на овие производи.

Како што појаснуваат од АХВ, производството, увозот и ставањето во промет храна за доенчиња и мали деца во Македонија подлежи на посебен режим на одобрување, оти инспекторите за храна на граничните премини го контролираат и увозот на оваа категорија производи.

Исто така, и во прометот инспекциските служби на Агенцијата вршат контрола на безбедноста на оваа категорија производи и во рамки на Мониторинг програмата за безбедност на храната.

-Со досегашните резултати од контролите не се потврдени отстапувања на оваа категорија производи. Согласно Законот за безбедност на храна, обврска на операторите со храна е во рамки на сопствените ХАЦЦП планови да вршат задолжителни лабораториски испитувања на производите со кои ќе ја потврдат безбедноста. Резултатите од ваквите испитувања се контролираат од страна на инспекторите за храна, наведува АХВ и додава дека ќе ја следи состојбата со повлекувањето на кашичките во Германија и доколку има потреба соодветно ќе реагира – велат надлежните од АХВ.

Инаку, во официјалното соопштение на “ДМ” се наведува дека при контрола на еден од производите е утврдено присуство на остатоци од средство за миење што содржи хлор. Тие одлучиле заради претпазливост да се повлече од продажба производот бидејќи не може да се исклучи претпоставката дека и во останатите стаклени теглички има зголемено ниво на хлор.

Според нив, остатоците на хлор во производите се последица на користењето хлорна вода при обработка на намирниците, односно при дезинфекција на апаратите за обработка на намирниците.

-Зголеменото внесување на хлор во еден ден може кај луѓето да ја ограничи способноста за внесување на кислород во крвта, како и да предизвика пречки при процесот на ширење на јодот во организмот – велат експертите.

Од купувачите кои ги набавиле спорни кашички со наведениот датум се бара да престанат да ги користат и да го вратат производот во која било продавница на ДМ, за што ќе им бидат вратени пари во висина на целиот износ на неговата редовната цена.

-“ДМ” најљубезно ги замолува сите свои потрошувачи кои го имаат набавено производот со спорен рок на употреба во било која земја каде што е присутен ДМ, истиот да не го консумираат и да го вратат во дрогериите во Македонија, без разлика дали истиот е отворен или не – информираат од “ДМ# и дополнуваат дека на македонските потрошувачи за сите прашања им стојат на располагање, и тоа секој работен ден од девет до 15 часот на телефонскиот број: 02/3222-733 или info@dm-drogeriemarkt.mk.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top