петок, 20 април 2018 | Вести денес: 3 ново

Роденден во МКЦ

На 18 јануари, четврток, во Младинскиот културен центар (МКЦ) традиционално ќе се одржи мултимедијалниот настан, Роденден.

„Многу настани, уметност, забава, многу дружење. И како и секоја година, сето тоа бесплатно. Откако пред крајот на 2017 година МКЦ наполни 45 години, 2018 ја започнува со свој подарок за публиката“, соопштуваат од МКЦ.

Во Галерија МКЦ ќе биде поставена изложбата на фотографии: „Гледај во позитив“. Наке Батев ќе се престави со фотографии на тема „Втоа шанса“, Томислав Георгиев „Efegies“ и Огнен Теофиловски „И јас имам сон“.

ВТОРА ШАНСА
Фото/Наке Батев
„Со дрогата се сретнав во средно училиште. Станав зависник од хероин на 17 години. На 24 години бев осуден на две години затвор за поседување дрога. Оттогаш се се распаѓа во мојот живот“, сведочи Мац кој е фризер, роден 1982 година. Мац е отфрлен од родителите и од најблиските. Не добил никаква подршка за надминување на проблемот. Оставен е во руинирана куќа во градска населба, да се снаоѓа сам…

EFFEGIES
Фото/Томислав Георгиев
Луѓето во Македонија треба да сфатат дека разновидноста е факт и прифаќањето е неопходно ако сакаат да бидат рамноправен член на ЕУ и современиот концепт на општеството. Ова е една од новите перспективи и ако земјата ја прифати и ја поддржува, таа ќе стане регионален лидер во оваа област, давајќи им пример на своите соседи кои се повеќе или помалку на исто ниво на развој во однос на заштитата и промовирањето на ЛГБТ права. “Effegies” е концепт за збирка на портрети, генерирани со причина, презентирани со провокација со цел на интеракција, како протест на стероитипите во нашето општество.

И ЈАС ИМАМ СОН
Фото/Огнен Теофиловски
Во близина на хотелот Александар Палас спроти ултра луксузна куќа до поранешната дива депонија во мала картонска кутија поделна на соба и мало претсобје живее шестчлено семејство. Ферди кој има 34 години и Фатмира која има 30 години и нивните четири деца. Ферди е скопјанец, македoнски Ром кој ги има сите потребни документи, додека мајката Фериде е родена во Скопје, а преселена со семејството во тогаш Генерал Јанковиќ, село во округот на Урошевац, во јужниот дел на Косово, сега Хани и Елезит. При преселбата за време на конфликтот на просторите на поранешна СФРЈ во деведесеттите и се губат сите документи, како и нејзиниот идентитет.

Во Џебното кино ќе може да го погледнете „Каде одат претставите што не се случуваат?“  авторски проект на Драгана Гунин, единствениот изведувач во перформансот. Перформанс посветен на претставите што не се случиле, гледано низ призмата на театарски режисер и влијанието на политичката ситуација во работата.

Во кино Фросина како и секоја година ќе се одржи поетскиот перформанс „Песнило“, на кој ќе видиме млади поети. Настанот е куриран од Иван Шопов.

Од МКЦ уште најавуваат и филмски маратон во кино „Милениум“ и „Состанок на слепо“ (Blind date“ програма курирана од „Ако никој не свири“.

Во музичката програма на „Роденден“ се „Обојени програм“, „Милко“, младиот белградски бенд „Визељ“, инструменталниот рок бенд од Скопје, „The Local Blue“, а ќе има и целовечерен сет на сериозна диџејска екипа собрана под името Funky Fresh.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top