четврток, 19 јули 2018 | Вести денес: 87 ново

2017 беше година на љубовта, пола домашна естрада се омажи!

2017 година, дефинитивно, беше година на љубовта. Голем број на познати дами го изговорија судбоносното “да” и се заколнаа на вечна љубов, а дел од нив станаа и мајки. Аделина Тахири, Каролина Гочева, Јана Бурчевска, Симона Попоска, Милена Антовска… се домашните убавици кои минатата година беа невести. Некои од нив направија свадби за паметење, а има и такви кои оваа година ќе организираат прослави за најблиските роднини и пријатели, а 2017 година ја искористија само за да стават потпис во матично.

Аделина Тахири

Пејачката со албанско потекло пред две недели облечена во црвен фустан, наместо класична бела венчаница, склучи граѓански брак со еден од најпознатите скопски адвокати. Пред да се венчаат беа околу една година во врска, а љубовта и понатаму ја кријат од очите на јавноста и не објавуваат заеднички фотографии на социјалните мрежи.

Каролина Гочева

Македонското девојче во септември минатата година се заколна на вечна љубов. Пејачката и уметникот Михаил Корубин организираа прослава на која присуствуваа околу 300 гости меѓу кои имаше голем број на нивни роднини, пријатели, но и познати лица од домашната јавна сцена. Првиот свадбен танц го одиграа на евергринот “За нас почнува живот” на легендарниот Драган Ѓаконовски – Шпато, а ората беа строго забранети. После свадбата пејачката се посвети на работа, годината ја заокружи со синглот “Ѕвона”, а наскоро ќе го промовира и новиот албум.

Симона Попоска

Речиси една година откако нејзиното момче Кристијан ја запроси со огромен дијамантски прстен за време на едно патување во Италија, пејачката Симона Попоска ја откри добро чуваната тајна – дека реши да му стави крај на моминскиот живот!
Парот се заколна на вечна љубов во нејзиниот роден Охрид каде организираа голема прослава за најблиските роднини и пријатели, која всушност треба да биде увертира за свадбата закажана за напролет.

Милена Антовска

Водителката Милена Антовска му кажа ДА на својот избраник во април годинава. Церемонијата на венчавката на водителката се одржа во манастирот “Свети Јован Бигорски”, а фотографиите од венчавката таа веднаш ги објави на социјалните мрежи. Пред крајот на минатата година ја роди и ќерката Лана Марија.

Јана Бурчевска

Јана Бурческа кажа ДА кон средината на август, а еден месец подоцна ја роди и малата Дона. Пејачката и нејзиниот избраник, гитаристот Алек, направија свадба за паметење, а на истата присуствуваа околу 170 гости.
“Свадбата за македонски стандарди не беше голема, имаше околу 170 гости. Уште сум под импресии, одлично си поминавме и би сакала сега во петок пак да правиме свадба затоа што супер се забавуваме. Носев венчаница на креаторката Антонија Ристовска, а за музиката беа задолжени “In The Mood” и диџеј Чваре. Некаде кон средината на вечерта и јас и Алек се фативме за микрофонот, односно маж ми свиреше на гитара, а јас пеев и заедно изведовме неколку теми, а најинтересен беше делот кога рапував”, откри тазе невестата и додаде дека подоготвките за свадбата течеле спонтано и воопшто не чувствувала притисок.

Извор: Вечер Прес

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top