петок, 20 април 2018 | Вести денес: 0 ново

Со воз за Солун се стигнува со автобус

Вооружени со трпение и надеж дека ќе им остане доволно време за шопинг, патниците на скопската железничка станица го чекаат возот за Солун. Кога ќе го дочекаат, исправени се пред ново искушение. Возот ги носи до железничката станица во Гевгелија, а потоа организирано, со истите билети се префрлуваат во автобус, кој ги вози до железничката станица во Солун.

Ваква ситуација доживеале и патниците кои во саботата рано изутрина тргнале за Солун со намера таму да ја дочекаат Нова година. Тие раскажуваат дека прво возот доцнел околу четири часа, а потоа наместо до Солун ги однел до Гевгелија. Таму со багажот морале да се префрлат во автобус со кој стигнале до саканата дестинација.

Со девојка ми во саботата тргнавме со воз за Солун, за таму да ја прославиме Нова година. На железничката станица во Скопје останавме околу четири часа чекајќи го возот. Иако имавме однапред купени карти, во неколку наврати помислив да одам да земам зелен картон и за Солун да тргнеме со автомобилот кој ни беше паркиран во близина. Но, сепак го дочекавме возот кој не донесе само до граница. Потоа не префрлија во автобус и така некако стигнавме во Солун, раскажува еден млад скопјанец.

Возот “Хелас експрес” со кој македонските граѓани патуваат за Грција оди на релација Белград – Солун. Патем, по железничкиот коридор ги собира патниците во Србија и Македонија. Оваа линија во минатото беше многу фреквентна и во македонскиот дел, но пред извесен период беше укината. Со воз за Солун повторно може да се патува од 1 јуни лани, кога на шините се врати “Хелас експрес”. Условите за железничко поврзување меѓу трите земји повторно се создадоа откако српските железници ја завршија реконструкцијата на пругата меѓу Ниш и Прешево.

Но, веднаш по обновувањето на линијата, грчките железници почнаа реконструкција на нивната пруга, така што до Солун делумно, од Гевгелија, се патуваше со автобус се до минатата есен, кога возот почна да сообраќа директно до Солун.

Директорот на Патнички сообраќај во МЖ Транспорт Сашо Јовановски, вели дека грчката железница, која сега е во сопственост на италијанска Треиносе, ненадејно повторно го вовела автобусот од Гевгелија до Солун од 18-ти минатиот месец, без да наведе причини.

– На 18 декември добивме официјална телеграма од Треиносе со која не информираа дека од тој ден па во иднина, се додека не добиеме нова информација од нив, патниците од возот Скопје-Солун од Гевгелија до Солун ќе ги превезуваат со автобус. Причината за тоа во телеграмата не е наведена, вели Јовановски.

Тој не сака да шпекулира на таа тема и одбива да ги коментира неофицијалните информации со кои располагаме, дека железнички сообраќај меѓу Гевгелија и Солун сепак се одвива, но пругата се користи само за товарниот сообраќај до солунското пристаниште. На грчката железница, велат нашите извори, од тие причини поисплатливо им е до солунската железничка станица патниците да ги превезува со автобус.

Јовановски демантира дека возот за Солун, кој е единствен меѓународен експресен воз што оди по македонсктие шини, доцни. Вели дека имало поголемо задоцнување во неделата рано изутрина, но тоа се случило на српската страна.

– Тогаш возот беше каменуван во Младеновац и беше искршено стаклото на нашиот кушет. Затоа беше доцнењето. Инаку, возот кај нас се задржува половина час, а ние гледаме и тој период за влез и излез на патниците, за маневрирање и слично, да го скратиме, за да нема големи доцнења. Обично кај нас задоцнувањата се мали, но знаете, и кај нас каменувањата на возовите се се почести, објаснува тој и додава дека возот од Солун во Скопје секогаш пристигнува на време, додека пак оној од Белград понекогаш доаѓа подоцна.

Јовановски вели дека бројот на патниците во возовите во последно време, особено во последниве шест месеци расте, а тоа придонесува за намалување на цените на билетите, кои се формираат во соработка на железниците на другите земји. Така, на пример во договор со српската железница, цената на билетот за Будимпешта е намалена од 100 на 49 евра, зашто бројот на патници е зголемен. Како што појаснува, патничкиот сообраќај се одвива со стари вагони и локомотиви, што е проблем од поодамна, а долгот на железницата во патничкиот сообраќај изнесува 81 милион евра. –

– Тоа не е мала сума и не се надокнадува преку ноќ, па затоа треба време и за подобрување на квалитетот на железничкиот сообраќај, вели Јовановски.

Инаку, возот од Скопје за Солун тргнува секој ден во 4:45 часот наутро, а назад од Солун кон Скопје во 18:30 часот. Од Скопје кон Белград овој воз тргнува секој ден во 22:19 часот, а линија од Белград за Скопје има исто така секој ден во 18:35 часот. Цената на меѓународните железнички билети за Белград и за Солун во една насока е 12,2 евра, а на повратниот билет 19,5 евра. Патниците имаат на располагање кушети и спални вагони.

Извор: Вечер Прес

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top