среда, 17 јануари 2018 | Вести денес: 125 ново

Се смирија Амди Бајрам и Заев: Утринава заедно јаделе морков

Пратеникот Амди Бајрам на премиерот Заев денеска му го подарил морковот со кој се закануваше дека ќе го уловел Зајко на митингот во Охрид за претходните парламентарни избори.

– Затоа што решив да излезам од коалицијата За заедничка Македонија и да настапувам како пратеник на Сојузот на Ромите кој ќе ја поддржува владата, морав да му го подарам морковот на премиерот Заев. Утринава имавме состанок на кој му го однесов морковот и го расчистивме нашето недоразбирање. Му објаснив дека тој морков е наменет за Зајко а не за Заев, така што нема што да се плаши дека ќе го ловам него, изјави Бајрам за Република.

Пратеникот додава дека Заев на почеток се уплашил дека тој сака да го отруе.

– Заев го зема морковот, го погледна и ме праша „Амди, да не си ставил отров внатре? Гледам јас што се случува со кучињата-скитници, па да не си се инспирирал?“. Јас му одговорив дека нема што да се плаши и го направив првиот гриз на морковот, па Заев го изеде целиот. Заедно го јадевме морковот и разговаравме за евроатланските перспективи на Ромите од Македонија, со восхит раскажува Бајрам за впечатоците.

Луди Чифут

*** Целта на „Двоглед“ е да се сврти вниманието на одредени појави во општеството. Секоја сличност со вистинските луѓе и институции е случајна.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top