петок, 22 јуни 2018 | Вести денес: 104 ново

Годишна изложба на основни училишта – „Мазев и јас“

Во Националната галерија на Македонија, објект Даут пашин амам, на 19-ти декември 2017 година (вторник), во 12:30 часот ќе се отвори Годишната изложба на основни училишта со наслов „Мазев и јас“.

Веќе два месеци наназад Даут пашиниот амам е центар на интерес на љубителите на ликовната уметност со тековната изложба „Петар Мазев, 90 години од раѓање“. Овој проект кој го презентира делото на бардот на македонската модера и постмодерна беше вклучен во едукативната програма на Националната галерија на Македонија. Беа одржани работилници во кои учество земаа ученици од основните училишта од Скопје. Младите креативци најнапред имаа можност да ја разгледаат изложба на Петар Мазев, а на ликовните работилници, црпејќи инспирација од неговото творештво, создаваа уметност совладувајки ги првите чекори на сликарските техники. Создадоа необични и оригинални творби кои носат заеднички потпис „,Мазев и јас“.

Националната галерија на Македонија покрај димензијата на општествено одговорна институција од областа на музејско-галеријска дејност, гради и социјална одговорност. Годишната изложба на основните училишта која ќе биде отворена на 19-ти декември ќе има хуманитарна димензија. На секој донатор ќе подариме уметничко дело од оваа изложба, а со донираните средствата ќе обезбедиме сликарски прибор за другарчињата со оштетен слух и говор, штитеници на ДУЦОР „Партенија Зографски“ од Скопје.

Едукаторот Маја Димитрова информира дека изложбата ќе биде поставена до крајот на годината.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top