понеделник, 22 јануари 2018 | Вести денес: 120 ново

Премиерите од Западен Балкан на неформална средба со Могерини

Премиерот Зоран Заев заедно со премиерите од земјите од Западен Балкан вечер во Брисел ќе присуствува на неформален состанок на покана на високата претставничка на ЕУ Федерика Могерини.

На третиот неформален состанок на премиерите со Могерини ќе стане збор за актуелните настани во регионот и за перспективите за 2018 година, кога на европските партнери во регионот ќе им биде понудена единствена можност да напредуваат на патот на интеграција во Унијата.

– Европската унија е посветена на засилување на ангажманот кон земјите од регионот со цел да обезбеди шесте држави од Западен Балкан да ги преземат потребните чекори за нивното напредување кон Унијата да стане неповратно, се наведува во соопштението од ЕУ.

Овој неформален состанок претставува продолжување на разговорите на високата претставничка Могерини со балканските лидери од мај годинава, кога таа, исто така, ги собра на неформална работна вечера.

Се очекува за време на работната вечера да стане збор за стратегијата, која Европската комисија ја подготвува за февруари, а која треба да ги даде насоките за пристапување на Србија и Црна Гора во ЕУ до 2025 година, како и за идните чекори што на патот кон ЕУ ги очекуваат Албанија, Македонија, БиХ и Косово.

Пред работната вечера се очекува премиерите од земјите од Западен Балкан да одржат билатерални средби.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top