петок, 20 април 2018 | Вести денес: 70 ново

Колариќ со порака до премиерот Заев: Чујте го крикот на овој народ и потрудете се да не разберете

На протестот на ВМРО-ДПМНЕ пред Министерството за правда пред граѓаните се обрати Светлана Колариќ. Таа кажа дека граѓаните денеска протестираат пред институцијата која спроведува неправда, неправда за оние кои размислуваат по сопствено убедување.

-Почитувани мајки, почитувана тетка Драгица, почитувана Соња, почитувана Жаклина, почитувана Елена навистина јас не знам колку време ќе трае оваа наша голгота, колку време ќе трае нашиот трнлив пат. Јас лично не можам да проценам, но едно знам, знам дека имам сопствен крик и знам дека имам немир во мене кој ме тера да бидам секој ден со вас, со родољубите, со уставобранителите, со демократите, изјави Колариќ.

Таа испрати и порака до премиерот Зоран Заев, за кој кажа дека знае дека ќе го слушне.

-Чујте го крикот на овој народ и ве молам од името на сите 50 невини затвореници да се потрудете да не разберете. Секојдневно се трудите да го освоите светот, но немојте да ви се случи него да го добиете, но притоа да ја изгубите душата своја. Та нели Македонецот, Албанецот, Ромот, Бошњакот, Влавот, нели тие се вашата душа, ако не се лажам. Зарем не ги гледате Александар, Мухамед, Амдуш, Нермин, Митко, Зекир, зар не ги гледате меѓу нас. Зар не го слушате нивниот глас. Да ве потсетам, зар не гледате и зар не слушате дека 50 деца во Република Македонија плачат. 50 семејства на уставобранители и страдалници. Зар заборавивте дека на сите луѓе животот им почнува и завршува исто, но добро знаете дека содржина на истиот одредува кого ќе го паметат идните генерации како дел од светлата страна на историјата, а кој ќе биде запаметен како темна дамка во историјата.

Таа во пораката до премиерот кажа дека тој знае како го добил мандатот.

-Ви порачувам, пред да ја одредите иднината на овие луѓе, добро да го проучите минатото. Навратете се наназад и погледнете ги сите снимки од поворките на Заедничка Македонија. Преслушајте ги сите пораки и родољубиви песни. Погледнете го жарот во очите на секој еден присутен 70 дена. Но ве молам да се преслушате и себеси и вашите сојузници, преслушајте си ги вашите уценувачки пораки, вашите желби и идеи, изјави Колариќ

Таа праша и зошто го побараа гневот на граѓаните на 27 април.

-Ќе ви го препорачам да го прочитате Конфучие, тој бил по мене добар политичар и филозоф кој рекол: Пред да тргнеш да се одмаздуваш, претходно ископај си два гроба. Во едниот гроб можеби ќе биде ВМРО-ДПМНЕ и нашите страдалници и ние, но во другиот гроб ќе биде СДС. Па да се запрашаме кој ќе дојде на запали свеќа на нашите гробови, изјави Колариќ.

Таа кажа дека е сигурна дека илјадници граѓани им ја даваат поддршката на граѓаните кои протестираат, го повика народот да не се предаде и да се бори за Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top