недела, 21 октомври 2018 | Вести денес: 38 ново

Прилеп: Се подготвуваат 60.000 посни сарми за Свети Никола

Во манатирот „Свети Димитрија“ во прилепското село Селце, прилепчанките денеска ги приготвуваат традиционалните мали посни сарми за прославата на патрониот празник на градот „Свети Никола“.
Во весела атмосфера, посветено и со добра мисла, велат членките на здруженијата „Мајка Традиција“ и „Преродба“, за прославата на светецот заштитник на Прилеп ќе приготват преку 60.000 посни сарми.

– Малите посни сарми кои секоја година ги виткаме со посветеност и љубов се посебни зашто се приготвуваат за славата на Прилеп, најпозната која и семејно ја прославуваат половина прилепчани, а се вели, другата половина им одат на гости. Посните сарми влегоа и во Гинисовата книга на рекорди. Нема голема тајна, но најбитно е киселата зелка да е добро „сторена“, да има убав ориз, црвен пипер. Се виткаат со големина на лешник и се варат тивко со масло и вода. И мора да речам, никаде нема вакви посни сарми како во Прилеп, објаснува Панда Ризоска од здружението „Мајка традиција“.

Доста Смилева од здружението „Преродба“ вели дека посебноста на малите сарми е поради поводот – се прават за „Свети Никола“, што е голема традиција во Прилеп.

– Посни, мали, вкусни, ги правиме сармичките со љубов и добра мисла. Ми се чини најбитни се посветеноста и убавиот повод, вели Смилева.

За Љубица Петреска, претседател на здружението „Мајка традиција„ и за Лилјана Ѓорѓиоска, претседател на здружението „Преродба“ најбитно е што сите се дел од зачувувањето на убавата традиција која им се пренесува на новите генерации.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top