вторник, 23 октомври 2018 | Вести денес: 4 ново

Аман, Бејли, не нè брани од воздухот, бел ден нема да видиме!

 

nenad-mircevski-kol-120

Ненад Мирчевски

Гледајќи те колку се вознемири поради загадувањето на воздухот, не можам а да не те замолам вака јавно премиере Бејли, да не ни помагаш толку по ова прашање! Па премере, ние се уште не можеме да ти се оддолжиме за тоа што не спаси од режимот и ни даде шанса за нов живот! Зарем може да се осмелиме да бараме и чист воздух од тебе?!?

Никогаш нема да можеме да ти заборавиме што секојдневно и несебично ни помагаш околу се што ни донесе новиот живот. Еве на пример – судските реформи. Малку задоцнија поради опструкциите на опозицијата за смена на Зврлевски, ама правдата си дојде. Сега дури гледам со какви луѓе сум се дружел и сум седел на кафиња, со какви терористи сум протестирал по улиците против Тиранската платформа… Да не беа професионалциве во судот и во обвинителството немаше да дознаеме дека пеењето македонска химна е терористички акт а пеењето албанска химна од собраниска говорница не е кривично дело туку соживот. Или живот по ново! Еве, за некое време црпнатицава што ни ја приложивте како ваш помошник, ќе ни обезбеди и странски експерти кои ќе ни покажат како биле искористени и злоупотребени оние борци за човекови права во Диво насеље, од страна на ова терористичко здружение кое благодарение на сите вас е разбиено од темел. Така тие недолжни убијци на полицајци конечно ќе бидат на слобода, како што им доликува, а овие пејачиве, актериве, режисериве… нека гнијат во затвор како најголеми терористи. Слушав дека преку ваш шпион сте и порачале на опозицијата да биде поагресивна во барањето амнестија и дека тоа не било праведно, ама така морало да биде. Сепак, јас не верувам во вакви муабети, само сакам да ти пренесам што се збори за тебе.

Премиере, ви благодарам што ни помагаш во осознавањето и во искоренувањето на корупцијата. Ви благодарам што спасивте десетици илјади евра народни пари од алчните раце на дикоглавите и помогнавте да се вратат таму каде што припаѓаат – на народот. Не ми е јасно како тие луѓе се дрзнале да си доделат награди кои им биле пропишани по закон без да ве консултираат. Каква слобода ви се молам! А замислете, тие истите ќе требаше да ни спроведуваат референдум за промена на името. Алал да ви е. Со еден удар две муви. Море стотици илјади муви! Колку и да се, малку се за да ви се спротивстават на вашата визија за подобро некорумпирано и во НАТО интегрирано општество. А ви се молам, овие од претходниот режим не убедуваа дека вашиот помошник што глуми премиер бил корумпиран до коска и барал мито. И тоа не само за него, туку и за брат му, па дури и за црквата. Па и снимка објавија. Какво безобразие. Толку го заглавија што не може да го извадат ни овие од вашево, пардон, реформираново судство. Ама јас имам доверба во вас и во вашите способности од ништо да направите нешто и да ја побиете старата народна која вели „од гомно ќерпич не бива“! Е бивало премере! Ете бидна и тоа благодарение на вас! А и кој смее да каже дека е поинаку нели? Хахаха! Простете ми излета насмевката!

Најблагодарен сум ви на несебичната поддршка што ни ја давате при отворањето на патот кон НАТО… Злонамерниците велат ќе сме плателе прескапа цена со промената на името, ќе ни го сменеле идентитетот, загрозен ни бил јазикот, сме си ја продале историјата… Демек ќе сме ги изневереле предците кои се жртвувале за она што ние денес го имаме – своја држава. Па кој им е крив што се гинеле за Македонија? Можеле да си формираат невладини и да си лапаат кеш. Е добро де тогаш го немале Сорос, ама имале странски амбасадори! Па кој им е виновен што немале сенс за дипломатија. Други велат дека сте ги уценувале и сте ги терале со сила нашиве политички лидери да потпишат капитулација за државното име. Вклучително и кандидатите за нов лидер на опозицијата. Ама јас не им верувам на злобниците. Зошто би уценувале некој што сам ви се нуди? Нели? Сега е се полесно откако го откачивте оној што сакаше да ја исправи кичмата на Македонецот. Во каква заблуда живеел кутриот. Па не можеш бре да му исправиш на човек нешто што нема. Ви честитам што вие први го увидовте тоа пред него. Признавам дури и јас бев во заблуда дека Македонецот е похрабар и порешителен. Ама јас сум небитен и од денешен и од историски аспект. Сепак, благодарение на вас сега сум меѓу оние освестените.

И таман си помислив дека нема што друго да додадеш во нашава преродба, кога ете ти како јаготка на шлагот му објави војна и на воздухот. Секоја чест на бескомпромисноста! Не само што ја препознав твојата решителност да ни ја растргаш маглата во која живееме со години, туку сакаш на површина ги извадиш и оние злобници кои се обидуваат да ловат во матно. Милам на Русине де. Уште еднаш ти благодарам што ни ги отвори очите дека уште еден руски гасовод нема да ни донесе чист воздух во Македонија! Заборавив дека рускиот гас е штетен по здравје, може и канцероген, па затоа лошите Руси сакаат да ни го увалат, а не дека од тоа ќе имаат бенефит државата и граѓаните. Не грижете се, ние имаме капацитет да издржиме уште долго не само без руски гас туку и без воздух. Та ние дишеме на шкрги од како знам за себе… И што ни фали? Така да не ни е проблем да го причекаме гасот што ти премиере и твоите пријатели од длабоката држава ќе ни го обезбедат за некое време. Е сега пак ќе се најде некој ќе рече ама тој ќе биде многу поскап. Прескап во споредба со рускиот. Па се што е добро се плаќа де! На крај на краиштата, не е важно колку ќе чини, само те молам да не спасиш од русиштана и нивното мешање во внатрешните работи на оваа суверена и независна држава. Еве ветувам дека нема да штедиме пари за да им ги тргнеш од врат на судиите и обвинителите оние рускине дипломати и шпиони што катадневно ја контролираат нивната работа. Јаднине судии пак од пусти страв уште извештаи за дневната работа да почнат да им праќаат. Ги има секаде премиере. Дури и во Собрание. Слушнав дека деновиве им делеле лекции на пратениците и ги укорувале како мали деца. Тоа е толку понижувачки што дури ми е мачно и да слушам дека се случува, а камо ли да сум на нивно место.

Премиере Бејли, прости ми што сум толку циничен, но уверен сум дека ќе покажеш големина и ќе ме поштедиш од сурова казна. Ако веќе мора, нека биде блага и праведна. Само те молам не ни помагај и за воздухот за да не се увериме дека може и многу полошо од ова. Па тогаш и буквално бел ден да не видиме!

П.С. Кога им е редот на професорките да завршат во затвор?

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top