петок, 20 април 2018 | Вести денес: 3 ново

Сме учеле погрешно: До кога детето треба да спие со мајката?

Педијатарот Нилс Бергман од Универзитетот во Кејптаун, Јужна Африка, верува дека жените треба да им дозволуваат на нивните бебиња да спијат со нив малку подолго одошто мислите. Наводно, кога детето спие само, потешко му е да се поврзе со мајка му.

Бергман смета дека самостојното спиење може да влијае на мозочниот развој кај детето. Ова тврдење е многу контроверзно, бидејќи спиењето заедно со бебето се смета за опасно. Меѓутоа, Бергман тврди дека во случаи кога децата завршуваат трагично додека спијат од необјасниви причини, ретко кога мајката е присутна во тој момент. Тој вели дека бебињата треба да го делат креветот со мајка им додека не наполнат 3 или 4 години.

– Во случаи кога бебињата умираат од необјасниви причини за време на спиењето, тоа не се случува затоа што мајка им е присутна. Тоа се случува од други причини: Отровни гасови, цигари, алкохол, големи перници и опасни играчки – изјавил докторот.

Бергман исто така основал движење, познато како „Кенгурска мајчинска грижа“ (Kangaroo Mother Care), каде што се потенцира важноста на допирот помеѓу мајката и новороденчето. Ако се прашувате зошто бебињата треба да спијат со мајките, докторот го проучувал спиењето на 16 деца. Само 6 бебиња од испитаната група можеле добро да спијат сами. Истражувањето открило нарушување на циклусот на спиење во мозокот, кој е од големо значење за развојот на органите. Според Бергман, недостатокот од сон на толку рана возраст може да предизвика сериозни бихевиорални проблеми кај детето и ќе се манифестираат понатаму во животот.

– Ова е веројатно првото објавено истражување што дава докази за влијанието што го има разделбата на мозокот кај новороденчињата. Тоа покажува дека бебињата кои спијат во колевки неколку метри оддалечени од мајките се во состојба на постојана анксиозност, што значи дека се изложени на стрес. Овој стрес може да влијае на нивниот најран развој. На мозочниот развој му требаат едночасовни циклуси на спиење. Одвоените бебиња немаат квалитетни циклуси на спиење. Ова истражување докажува дека раната разделба од мајката може да има негативен ефект на добриот развој – објаснил Бергман.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top