вторник, 23 јануари 2018 | Вести денес: 0 ново

Џорџ Клуни на најдобрите другари им подарил по милион долари

Холивудската ѕвезда Џорџ Клуни на своите 14 најдобри другари им подарил по еден милион долари, за да им покажел колку многу му значат.

За овој гест на актерот раскажал неговиот долгогодишен пријател Ранде Гербер во интервју за шоуто „Хедлајнерс“, додавајќи дека Клуни го платил и данокот на парите.

– Има група што ја нарекуваме „момците“. Џорџ ни се јави и рече на 27 септември 2013 година сите да одиме кај него. Кога се појавивме таму, на масата за секого имаше по една брендирана торба. Тој рече: „Слушајте, сакам да знаете колку ми значите во животот. Дојдов во Лос Анџелес, спиев на кауч, многу сум среќен што ве имам и не би бил денес таму каде што сум да не сте вие. Затоа ми е многу важно да ви возвратам. Отворете ги торбите“ – раскажал Гербер, додавајќи дека во нив секој нашол милион долари и биле во шок.

Клуни потоа истакнал дека знае дека сите минувале низ тешки времиња и дека сега не мора да се грижат за школувањето на децата или за плаќање на киријата.

Гербер не сакал да го прифати подарокот, но Клуни инсистирал, велејќи дека ако тој не ги земе парите, никој нема да добие милион долари. Гербер ги зел и ги донирал во хуманитарни цели.

– Тоа беше на 27 септември 2013 година. На 27 септември 2014 година тој се ожени со Амал. Добра карма – заклучил пријателот на Клуни.

За Џорџ Клуни може да се каже дека е и еден од најуспешните славни инвеститори, зашто како основач на старт-ап направи совршена зделка – за милијарда долари продаде текила бренд што го основа со двајца пријатели.

Однапред ви се извинуваме

При лет во авион кон Британија, Амал и Џорџ Клуни патувале со своите близнаци. За на никој од патниците да не му се наруши мирот и спокојот при летот, родителите Клуни на сите патници им поделиле слушалки кои редуцираат врева.
На слушалките го имало логото на неговиот бренд на текила „Казамигос“, како и ливче на кое пишувало: „Се извинуваме пред време ако плачат близнаците“.

Во авионот бил и Квентин Тарантино, кој ги носел слушалките. Сведок тврдел дека бебињата сепак не пуштиле ни глас.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top