среда, 24 јануари 2018 | Вести денес: 0 ново

Граѓаните дишат на жабри, повикуваат на бојкот, Шилегов останува глув

Бојкот на наставата поради екстремната загаденост на воздухот. Родитeлите на социјалните мрежи повикуваат свесно децата да не одат на училиште на 20 декември како знак на револт.

Голем број родители ја поддржуваат Иницијативата „Бојкотирам настава“, бараат итно решение со загаденоста на воздухот.

-За важноста на справување со загадувањето, како најголем и најопасен проблем потсетуваме веќе 4 години. Досега се обидовме со чести собири за искажување на назадоволството од несправувањето со ниедна точка од овој комплексен проблем, да ги потестиме службениците да си ја сработат работата за која се нафатиле да ја сработат, а за што добиваат плата од наши пари. Бидејќи досегашните форми на протест не вродија со никаков плод, отсега го менуваме начинот на искажување револт- се наведува на страницата на Фејсбук на оваа акција.

Мерните станици низ Скопје веќе две недели покажуваат огромна загаденост на воздухот, се повикуваат и останатите граѓани да дадат поддршка.

-Со ова ќе укажеме дека проблемот не само што не е решен, туку и нема никакви најави дека ќе се реши, а уште помалку и дека било каква мерка ќе се спроведе. А ние, најмалку нашите деца и постари, немаме уште една година. Затоа, ширете ја информацијава, постирајте слики со ваши пораки и на 20 декември останете дома и поминете едно претпладне со вашите деца, наведуваат иницијаторите.

За бојкотот веќе се известени и наставниците во скопските училишта.

Информирана сум од колегите, од фејсбук, но и од децата во училиште дека во понеделник нема да доаѓаат на настава. Велат уште во петок сме на училиште и во понеделник сме на протест. Сите имаат право да го изразат својот револт, но сметам дека сите граѓани треба да сме свесни за овој проблем, не само политичарите, родителите, институциите, ако совесно се однесуваме решение може да бидеме и граѓаните, вели за Република наставник од основно училиште во Скопје.

Граѓаните упатија и отворено писмо до градоначалникот Шилегов, повикувајќи го да не ги заборава неговите предизборни ветувања кога зборуваше за гасификација и брзо решение за загаденоста на воздухот во главниот град. Потенцираат дека токму тој сега има ретка можност да ги спаси идните поколенија од болестите кои ќе ги погодат поради дишењето на канцерогениот воздух во најзагадениот европски град.

-Имате шанса да останете запаметен во историјата на градот како човек кој го решил проблемот со загадувањето на Скопје и ги спасил животите на нашите деца или да останете запаметен како градоначалник на најзагадениот европски град, кој не презел никакви одлучни мерки за неговиот спас, стои во отвореното писмо до Шилегов на Фејсбук.


„Република“ побара одговор од градоначалникот Петре Шилегов, но до објавување на текстот тој не се изјасни дали воопшто размислува за решение на проблемот со загадениот воздух или останува глув на барањата на граѓаните кои ги полнат клиниките со компликации на дишните патишта.

Тој денеска пред медиумите посочи дека постапката за чиста животна средина и за чист воздух не е постапка со филмска брзина, ниту, пак, настап во риалити шоу.

-Тоа е комплексна работа на која сите треба да се посветат, а и да се откажат од едни навики, доколку се сака да се има здрава животна средина. Една од мерките што се преземени е затворање на печката на Дрисла, како и неколку изречени казни од страна на инспекторите кои се на терен и вршат надзор – рече Шилегов, кој во кампања ветуваше брзи решенија.

Повеќе од илјада прегледи минатиот месец имало во болницата за белодробни заболувања во Козле. Лекарите предупредуваат дека допрва аерозагадувањето ќе ги полни педијатриските одделенија, бидејќи децата се тие кои ќе бидат први на удар на опасните ПМ честички. Загадениот воздух влијае и на кардиоваскуларни и респираторни заболувања. И додека се чека институциите да почнат да делуваат. Лекарите упатуваат апел граѓаните да поминуваат време на планина и да носат заштитни маски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top