среда, 24 јануари 2018 | Вести денес: 0 ново

Заев – Весели: Македонија и Косово стремат кон заедничка иднина во ЕУ и НАТО

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, како дел од агендата на официјалната посета на македонската владина делегација на Република Косово, денеска се сретна и со претседателот на косовското Собрание, Кадри Весели.

Од владината прес-служба соопштија дека на средбата, премиерот Заев, придружуван од владината делегација во состав Крешник Бектеши, министер за економија, Горан Сугарески, министер за транспорт, Роберт Алаѓозовски, министер за култура и Едмонд Адеми, министер без ресор задолжен за дијаспора, истакнал дека е особено значајно што и овој состанок го потврдува отвореното и искрено пријателство меѓу двете земји.

Со оваа посета испраќаме силни и искрени пораки во двете земји, дека градиме општества на еднакви граѓани. Настојуваме и создаваме услови да ги постигнеме европските стандарди, рекол премиерот Заев на средбата со Весели.

Претседателот на Собранието на Косово Весели нагласил дека двете земји делат заедничко минато, но пред нив е и заедничка иднина како соседи, како земји на регионот, и како претенденти за членство во ЕУ и НАТО.

На средбата било констатирано дека заеднички интерес на сите земји во регионот е нивната стабилност и безбедност, како и економскиот напредок, како основа остварување на стратешките интереси на сите земји на Западен Балкан – евро-атлантските интеграции.

Заев и Весели изразиле подготвеност да ги поттикнат идните средби на високи претставници на двете земји како пракса која ќе ги зацврстува и унапредува односите во многу области.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top