понеделник, 16 јули 2018 | Вести денес: 86 ново

Започнуваат германски стручни обуки за македонските работници

Делегацијата на германското стопанство во Македонија стартуваше со својот проект за дуално стручно образование, а почна и првата обука за обучувачи.

Претставници од компаниите ДММ Дрекслмајер, Маркарт, Костал, ОДВ-Електрик, Гентерм и средното стручното училиште Киро Спанџов – Брко од Кавадраци ќе минат низ еднонеделна обука и ќе бидат сертифицирани за обучувачи според стандардите за квалитет на Асоцијацијата на германски комори за индустрија и трговија (DIHK).

Обуката на обучувачи (AdA International) која се организира прв пат во Македонија, ја отвори Патрик Мартенс, директор на Делегацијата на германското стопанство во Македонија.

– Овој проект е од особено значење за развојот на македонското стопанство. Голем број проблеми ќе се решат со неговата имплементација, рече Мартенс.

Според Едвин Лемке, експерт за стручно образование од Германија, дел од успешното имплементирање на системот на дуално стручно образование почнува и завршува со обучувачите кои во овој процес играат клучна улога.

Оваа сабота учесниците ќе имаат завршен испит по чие полагање ќе стекнат сертификат за обучувач во компанија според стандардите на Асоцијацијата на германски комори за индустрија и трговија (DIHK). 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top