понеделник, 23 април 2018 | Вести денес: 1 ново

Недела на турска книжевност во „Или-Или“

Од денеска (11 декември)  до 16 декември книжарницата „Или-Или“ приредува вистинско книжевно задоволство фокусирано врз современата турска литература, преку шест книги зад кои стојат писатели од средната и новата, современа генерација на талентирани книжевници, и плус книга подарок за секое купено издание.
Оние што биле во Истанбул, знаат за каков град се работи, а на оние што не биле, по читањето на „Истанбул беше сказна“ на Марио Леви, им се интензивира желбата за посета на градот меѓу два континента.
За сите љубители на мачки, но и за оние кои тоа не се, „Мачешки писма“ на Ола Бајдар само ќе им ја потврди големината на љубовта кон овие понекогаш филозофски настроени животни.
„Малку“ на Хакан Ѓундај, пак, е вистинскиот бисер во оваа понуда, книга која не смеете да ја пропуштите.
Наградуваниот краток роман „Прогонетите“ на Чилер Илхан е за љубителите на политичкото четиво обременето со борбата за слобода.
Единствениот писател застапен со два романа е класикот Ахмед Хамди Танпинар, чии феноменални текстови многумина ги споредуваат со оние на еден Иво Андриќ, да речеме. „Институт за регулирање на времето“ и „Душевен мир“ со својот стар ков на раскажување ќе ве освојат од прва.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top