вторник, 23 октомври 2018 | Вести денес: 86 ново

Жртви, револт и страв има, решение нема: Градоначалниците апелираат да не се трујат кучињата, но ништо не преземаат

Улични кучиња напаѓаат во речиси секоја населба, а граѓаните барат одговорност од надлежните затоа што почнаа да живеат во страв. За само една недела во главниот град на земјава беа регистрирани неколку случаи на напади од улични кучиња. Секојдневно во полициските билтени се појавува нов случај на напад од улично куче.

Градоначалниците на скопските општини излегуваат само со јавни апели животните да не се трујат, зашто отровот е потенцијална опасност не само за кучњата туку и за децата, но засега не преземат нешто за решавање на овој проблем. Шинтерите излегуваат на терен само кога некој ќе биде каснат и го бараат специфичното куче кое каснало додека во градот слободно шетаат илјадници други улични кучиња.

Тргнала на работа, заврши на Ургентен

Скопјанка која вчера наутро тргнала за на работа, заврши на Ургентен. Малку пред 6 часот била крвнички нападната од неколку улични кучиња, пријвалио нејзиното семејство во редакцијата на Курир.

Во центарот на Скопје, кај катната гаража во близина на „Рамстор“, се движела кон блиската автобуска станица. Наеднаш околу неа се собрале неколку улични кучиња, но таа продолжила мирно да се движи, бидејќи воопшто не очекувала дека ќе биде нападната. Кучињата ја нападнале и почнале да ја гризаат по нозете. Преплашена и со болка, едвај успеала да побегне од нив. Помош побарала во амбуланта, но од таму ја препратиле на Инфективната клиника. Една рана на нејзината нога била поголема, па од Инфективна била препратена на Ургентен центар за раната да биде исчистена. Од таму, повторно била примена на Инфективна. Ги има извадено сите лекарски документи за повредите.

Ако ве касне куче, имате право да побарате оштета од Град Скопје

Град Скопје и „Kомунална хигиена“ исплаќаат отштета на граѓани што биле каснати од улични кучиња и кои потоа тужеле на суд и добиле надомест на штета. Во октомври годинава 300 граѓани побарале да се вакцинираат на Инфективната клиника поради истата причина.

Во главниот град честа е појавата на напад на кучиња скитници.

Од ЈП „Комунална хигиена” велат дека откако граѓанин ќе пријави кај нив дека е каснат од куче скитник, службите веднаш излегуваат на терен за да го најдат кучето и да проверат дали има беснило.

За каснувањето, граѓанинот може да бара отштета која ЈП „Комунална хигиена” и Градот Скопје солидарно ја делат.Доколку случајот дојде на суд, практиката покажува дека граѓанинот за претрпени физички болки може да добие отштета од 35.000 денари, за претрпен страв 30.000 денари, за претрпени душевни болки поради намалена животна активност износ од 20.000 денари и за нагрденост износ од 5.000 денари или вкупен износ од 90.000 денари.

Неколку дечиња станаа жртва на кучиња-скитници

Куче напуштено од својот сопственик касна две жени и четири деца.

Според пријавата првиот напад е на 40-годишна жена на булевар АСНОМ која кучето ја касналот во пределот на ногата. Вториот случај е 11-годишно девојче кое е каснато на булеварот „Јане Сандандски” во пределот на левото рамо и лева надлактица.

Третото дете кое било нападнато и каснато од кучето во подколеницата на десната нога е 13 годишно момче на булеварот АСНОМ. На АСНОМ исто така е и четвртиот случај во кој е каснато 14-годишно момче во пределот на подколениците на двете нозе.

Пензионер од Драчево искасан од куче

Постар маж од Драчево беше искасан од улични кучиња поради што побарал помош во локалната амбуланта.

70- годишниот О.Н го пријавил случајот пред неколку дена.

Рано утрото додека се движел со велосипед на улица „Коперникова“, од страна на три кучиња скитници бил бутнат од велосипедот, а потоа бил каснат во пределот на надколеницата на левата нога.

Потоа се упатил во поликлиниката Драчево, каде побарал лекарска помош.

Градоначалниците апелираат: Не истурајте отров

 

Додека се случуваат нападите од кучиња, на социјалните мрежи врие. Секојдневно граѓаните револтирани коментираат и бараат одговорност. Се оди од крајност во крајност – едни бараат отров за уличните кучиња, други ги обвинуваат децата. Едно е сигурно: Револтот е голем, стравот уште поголем.

Мајки пишуваат дека се плашат да ги пуштат своите деца на улица за да не бидат нападнати од улични кучиња. Од Здруженија за заштита на животните во своите коментари ги напаѓаат загрижените граѓани велејќи им дека човекот е виновен што тие кучиња завршиле на улица. Дебатите се жестоки и излегуваат од контрола со навреди, закани, заплашувања. Но едно ги сплотува сите страни – одговорност бараат сите!

Наместо да преземат нешто, градоначалниците на скопските општини се истакнуваат само со обраќања и апели до јавноста. Градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ ги повика граѓаните, доколку забележат расфрлен отров во централното градско подрачје веднаш да се јават на телефонските броеви: 070 424685 Емилија Поповска и 075 437068 Јулија Малахова.

Општинските власти ги повикуваат граѓаните да пријават доколку забележат и напуштени домашни миленичиња.

И градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин, испрати апел до граѓаните да не оставаат отров на јавни површини откако синоќа ротвајлер во Ново Лисиче нападна и испокаса случајни минувачи, при што со повреди се здобија девет лица.

„Апелирам до граѓаните да не преземаат мерки против заскитани кучиња на своја рака. Отровите на јавните површини се опасни за сите, а насилството има секогаш лоши последици. Екипите на Град Скопје, односно ЈП Комунална хигиена ја следат ситуацијата на терен и се секогаш подготвени за интервенција“, напиша Марин на својот фејсбук профил.


Родители на повредените деца најавуваат дека ќе покренат тужби против Град Скопје. Од Градот претходно информираа дека ротвајлерот е заловен и однесен во стационарот Вардариште. Се работи за расно куче, веројатно напуштено од својот сопственик.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top