среда, 13 декември 2017 | Вести денес: 106 ново

ЕК бара од осум членки на ЕУ да преземат мерки против перењето пари

Европската комисија денеска соопшти дека ги повикала Бугарија, Грција, Кипар, Луксембург, Малта, Полска, Романија и Холандија итно да ја вклучат директивата на ЕУ за борба против перењето на пари во своите национални законодавства.

Новите правила на Европската унија ќе ги зајакнат постојаните барања за борба против перењето на пари и финансирањето на тероризмот, се наведува во соопштението.

Сите држави од ЕУ требаше да ја прифатат директивата до 26 јуни годинава.

Посочените осум земји, меѓутоа, не ја известиле Комисијата за преземените мерки за спроведување на европската директива и таа се уште не е вклучена во рамките на националните законодавни процедури.

По дадената можност на земјите да достават мислења како одговор на официјалните писма на ЕК што беа испратени во јули, Брисел сега ги повика осумте држави да ги преземат неопходните мерки за целосно почитување на директивата.

Доколку во текот на следните два месеци тие земји не го усогласат своето законодавство со правото на ЕУ, Комисијата може да се обрати до судот на ЕУ, се наведува во соопштението.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top