среда, 13 декември 2017 | Вести денес: 105 ново

Потребни се итни мерки за заштита: Балканскиот рис прогласен за критично загрозено животно

Во рамки на 37-та средба на постојаниот Комитет на Бернската Конвенција во Стразбур, балканскиот рис (Lynx lynx balcanicus) е вметнат во Прилог бр.2 како критично загрозено животно за коешто потребни се итни мерки за заштита, информираат од Македонското еколошко друштво (МЕД).

Ваквата олука била донесена по иницијатива на албанското Министерство за туризам и животна средина.

Според Македонското еколошко друштво ова претставува големо признание и чекор напред кон заштитата на загрозеното животно, присутно само на Балканот.

-Овој успех дава поголем акцент на заштитата на балканскиот рис. Европските конвенции ја препознаваат важноста и итноста за поголема легална заштита на овој вид. Ова признание игра улога и во спречување на нелегални и непотребни активности во подрачјата каде што рисот е распространет и секако дека ќе помогне во борбата за заштита на рисот, вели Диме Меловски, раководител на Програмата за заштита на балканскиот рис од Македонско еколошко друштво.

Според експертите, се проценува дека шумите во Западен Балкан се населени од помалку од 50 возрасни единки, а целата популација се состои од 20 до 39 возрасни единки. Досега присуство на балкански рис е потврдено во Западна Македонија, посебно во и околу националниот парк „Маврово“, како и планините Мунела, Шебеник и Албанските Алпи во Албанија. Според последните истражувања со фото-замки потврдено е присуство на најмалку две единки во Западно Косово. Присуството на балкански рис во Црна Гора и Грција сé уште не е потврдено.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top