среда, 13 декември 2017 | Вести денес: 106 ново

Изложба во МКЦ на палети од Личеноски, Мартиноски, Пенушлиски, Корубин…

Изложбата „Палетите на македонските уметници“ е проект на проф. д-р Кирил Пенушлиски остварен во соработка со МКЦ Скопје и поддржан од страна на Министерството за култура. Изложбата ќе биде отворена вечерва (четврток) 7 декември, во 20 часот, во Галеријата на МКЦ.

Палета е тенко штиче што им служи на сликарите за мачкање, мешање на боите. Палетата е една од алатките на уметникот. Но, палетата, за разлика од другите орудија на неговиот занает, како, на пример, четката и штафелајот, е точна рефлексија на неговите слики. На палетата се гледаат таговите од ’борбата‘ на сликарот со платното. Размачканите бои и пигменти покажуваат како еден уметник ја користи бојата, како тој го користи просторот, а понекогаш тие даваат и навестување за потезите на неговата четка. Всушност, сите палети претставуваат физички запис на креативниот процес на уметникот. Тие овозможуваат еден поглед во неговото ателје, во магичниот процес на креирање уметнички дела и даваат увид во техниката на уметникот, пишува авторот на изложбата, Кирил Пенушлиски.

Поради сето ова, палетата ја надминува едноставната дефиниција за штица каде што се припрема бојата пред таа да се нанесе на платното. Метафизички гледано, палетата е фрагмент од разговорот што уметникот го водел со сликата и затоа слободно може да кажеме дека сите уметнички палети се апстрактни слики. Истовремено тие се и автопортрети што уметниците несвесно ги направиле, не на однапред припремено платно, туку на штицата што е користена при креацијата на некое друго, само условно речено, поважно уметничко дело.

„Палетите на македонските уметници“ обединува повеќе такви автопортрети. За прв пат на едно место ќе се најдат палетите на осум модерни и современи македонски уметници. Претставени ќе бидат палетите на двајца основоположници на модерната македонска уметност, како и палети на уметниците од генерациите што дојдоа по нив.

Изложбата е збогатена и со повеќе работни масички, четкички, фотографии од ателјеа, штафелаи и канти и туби со боја, а секој уметник е застапен и барем со едно дело, кое директно може да се поврзе со изложената палета.

Палетите и работната масичка на Лазар Личеноски (1901-1963) денеска се дел од колекцијата на Националната галерија на Република Македонија, додека пак тие на Васко Ташковски (1937), Илија Пенушлиски (1947) и Рубенс Корубин (1949) се донесени директно од нивните ателјеа и тоа се палети што се користат секој ден.

Палетите на останатите великани на македонската уметност застапени на оваа изложба, Никола Мартиноски (1903-1973), Миле Корубин (1922-2000), Иван Велков (1933-2008) и Глигор Чемерски (1940-2016), се во приватна сопственост.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top