среда, 13 декември 2017 | Вести денес: 106 ново

Поетска вечер во Велес на хрватскиот писател Дамир Марас и Виолета Сековска

Во организација на Литературниот клуб „Коста Солев Рацин“ синоќа во Ликовниот салон во Велес се одржа поетска вечер на хрватскиот писател Дамир Марас кој се претстави со својата последна стихозбирка „Во прегратките на соништата“ и македонската писателка Виолета Сековска со нејзината последна стихозбирка „Созерцание“.

Дамир Марас живее и твори во Горски Котор близу Ријека во Хрватска. Автор и на стихозбирките „Богозов“ во 1992 која му е прва книга по која следат „Утеха по молитвата“, психолошко духовниот есеј „Моќта на љубовта“, „Кога љубовта моли“ и дигиталното издание „Ако поетот не те љубел“ и последната – издадено годинава „Во прегратките на соништата“.

Добитник е на наградата на хрватското литературно друштво од Ријека за најдобро објавена поезија во 2011/2012 година. Многу од неговите песни се компонирани, а неколку негови песни и сам ги компонирал. Неодамна почнал и да ги пее неговите песни, а наскоро треба да го издаде својот прв музички албум. Со своите песни учествувал на хрватски и меѓународни средби, а веќе неколкупати гостува со својата поезија во неколку градови во Македонија.

– Народите не ги раздвојуваат народите туку политиката. Ние писателите сме претставници на својот народ – обични граѓани кои преку поезијата, преку културата се зближуваме меѓу себе и соработуваме. Културата ги руши сите граници меѓу народите. Во Македонија сум одлично прифатен и од повеќе македонските писатели кои се мои пријатели, како и од посетители на овие вечери. Во Велес и Македонија прекрасно се чувствувами сметам дека овие заеднички вечери се многу важни за понатамошната соработка меѓу Хрватска и Македонија, која очекувам да ја интензивираме, потенцира Марас.

Тој воедно информира дека одлично соработува и со македонското културно друштво „Илинден“ од Ријека која е блиску до Горски Котор и често е нивни гостин.

Виолета Сековска од Скопје автор е на шест стихозбирки – првата и е „Македонија“, а последната „Созерцание“.

– Културата е онаа билка која што го лекува секое општество и токму мојата стихозбирка „Созерцание“ што значи будност, на нас Македонците ни е повеќе од неопходна и со очи и со срце и со душа и со ум,потенцира Сековска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top