среда, 13 декември 2017 | Вести денес: 106 ново

Србија отвора две нови поглавја во пристапните преговори за влез во ЕУ

Србија в понеделник на 11 декември во Брисел ќе отвори две нови поглавја од преговорите за членство во ЕУ.

Конечната одлука да се отворат поглавјата 6 и 30 денеска ја донесоа амбасадорите на земјите членки на ЕУ.

На состанокот на постојаните претставници на земјите членки на ЕУ на амбасадорско ниво, без расправа е потврдена согласноста на сите 28 држави на Унијата Србија в понеделник на Меѓувладина конференција да отвори две нови поглавја во пристапните преговори со ЕУ.

Се работи за поглавјето 6 кое ја покрива областа на правата на трговските друштва и поглавјето 30 за економски односи со странство.

Иако и поглавјето 33 за финансиски и буџетски одредби до последен момент беше предмет на разгледување, сепак пет членки на Унијата не дале „зелено светло“ за негово отворање.

Според дипломатски извори во Брисел, како што јави Танјуг, меѓу членките кои овој пат не одобриле отворање на ова поглавје биле Германија и Франција.

Дипломатски извори додаваат дека овие земји не се задоволни од напредокот што Србија го остварила во областа на владеење на правото, односно во исполнувањето на Акцискиот план за поглавјето 23 кое се однесува на правосудството и основните права.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top