петок, 20 јули 2018 | Вести денес: 5 ново

Анета Молика за настапот на Евровизија

Деновиве главна тема низ домашните медиуми беше веста дека Анета Мицевска и групата “Молика” ќе ја претставуваат нашата земја на изборот за песна на Евровизија.

Тие учеството на најголемиот европски музички фестивал го најавија преку Фејсбук каде напишаа статус каде побараа поддршка од публиката.

“Наредната 2018 година нашата Анета Мицевска – Молика за прв пат ќе добие песна и ќе учевствува во изборот на песна за Евровизија, но не по секоја цена. Се разбира со проверен тим и преубава песна. Се надеваме дека тоа ќе се случи бидејќи ние веруваме премногу во нашата Анета, тоа што таа го има од Бога подарено, многу мал број луѓе во светот го имаат. Сите вие знаете дека Анета нема нешто што не знае да отпее, така што и на изборот за песна за Евровизија и доколку биде избрана да ја претставува Македонија на Евровизија ние тврдиме и сме сигурни дека Анета е таа која ќе ја претстави Македонија во право светло. Се надеваме на ваша поддршка”, стои во објавата која покрена лавина коментари со оглед на фактот што многумина помислија дека МРТВ испратиле директна покана до фолкерката и одлуката веќе е донесена.

Сепак, фронтменот на составот, Џими, кој ѝ е сопруг на пејачката, вели дека учество на Евровизија со МРТВ не е договорено, туку тие добиле понуда од композиторот Григор Копров, кој им предложил да учествуваат на фестивалот на кој ќе се бира песна која ќе ја претставува нашата земја на изборот во Лисабон.

“За да нема недоразбирања, морам да нагласам дека ние директна покана од МРТВ не сме добиле, туку разговаравме со Копров, кој ни понуди песна со која ќе учествуваме на домашниот фестивал, па доколку победиме, тогаш би ја претставувале Македонија на Евровизија”, откри музичарот.

МРТВ се уште се немаат огласено во јавноста по повод начинот на кој ќе се избира песната, а учеството на Македонија на Евровизија 2018 година беше најавено преку официјалната страница на Евровизија.

Извор: Вечер.прес

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top