среда, 13 декември 2017 | Вести денес: 100 ново

Андреј Блажевски, композитор: Музиката за мене е „манипулатор“ и „организатор“ на времето

Голема инспирација и поттик ми беше композиторот, маестро Љубомир Бранѓолица, со кого во тој период остварував средби. Ја имав таа среќа да бидам во друштво со овој голем композитор, кој, за моја среќа, наоѓаше време за дискусија за моите композиции, за музиката но и пошироко за уметноста, вели Андреј

Андреј Блажевски, млад композитор, чии дела се наградуваат и кој, како што вели самиот, им се радува на наградите, неодамна сними компакт диск со акузматични дела. Изданието е на СОКОМ и делата на Андреј се објавени заедно со дела од неколку македонски автори. Ова е прво издание од ваков вид во Македонија, и на истот се поместени некои од најзначајните остварувања на подрачјето на акузматичната музика во Македонија што изминатите години беа претставени на фестивалот „Денови на македонска музика“, од авторите Кокан Димушевски, Дарија Андовска, Роберт Саздов, Влатко Георгиев и Андреј Блажевски.  Акузматична музика е форма на електроакустична музика создадена исклучиво за звучна презентација со помош на звучници, наспроти изведбите во живо. Акузматичната музика влече корени од т.н. конкретна музика (musique concrète) која се појави во доцните 40-ти години на минатиот век. Таа е една од најголемите придобивки на музичките технологии, во прв ред дигиталните снимачи и процесори на звук.  Разговаравме со Андреј за музиката, компонирањето, наградите…

Вашето дело „Слобода“ оваа година доби втора награда во категоријата композиција за мешан хор што ги додели Министерството за култура. Дали е ова Ваша прва награда?

-Всушност, на конкурсот за класична музика при Министерството за култура јас добив три награди компонирани во различни жанрови. Во категоријата Композиција за хармонски инструменти, моето дело за квартет, со наслов,  „Процес“, ја доби првата награда. Втората награда ја добив во категоријата за мешан гор, и третата во категоријата за Композиција за фиксен медиум.  Инаку, делото „Слобода“ е резултат на заедничката работа со младиот поет Андреј Ал-Асади, кој е автор на текстот за композицијата за мешан хор „Слобода“.

Какво е чувството кога ќе ви соопштат дека сте добиле признание за Вашиот труд?

-Чувството е одлично, особено кога ќе дознаете дека сте добиле признание во истата категорија во која што добил и вашиот професор. Наградите се признание за работата и вложениот труд, мерило, (можеби баш не секогаш) за квалитетот на она што го работитите и тоа ви дава уште поголема желба и мотивација да продолжите се’ повеќе да вложувате во она што го работите.

Неодамна Ваша композиција беше дел од ЦД кое го објави СОКОМ. За која композиција станува збор и како влеговте во изборот?

– Станува збор за композицијата „Ладно уништување“. Делото минатата година доби трето место во категоријата фиксен медиум што ги додели Министерството за култура и  спаѓа во жанрот на акузматична музика. Ова дело се најде на ЦД-то кое го издаде СОКОМ, заедно со наградените дела на авторите Кокан Димушевски, Дарија Андовска, Роберт Саздов, Влатко Георгиев. Ова ЦД, е прво издание од ваков вид во Македонија, на коешто се поместени некои од најзначајните остварувања на подрачјето на акузматичната музика во Македонија што изминатите години беа претставени на фестивалот „Денови на македонска музика“. Акузматична музика е форма на електроакустична музика создадена исклучиво за звучна презентација со помош на звучници, наспроти изведбите во живо.

Што претставува музиката за Вас?

Музиката како феномен претставува одреден одраз на емоции, прикажани преку организиран след на звуци или тонови низ време-простор. Таа е „манипулатор“ и „организатор“ на времето. Музиката е мој избор во животот и иако сум студент на четврта година на Факултетот за музичка уметност, можам да кажам дека е веќе и моја професија. Многумина пријатели од моето пошироко опкружување, кои ме знаеја како солиден ученик, одличен и во природните науки во средното училиште, се изненадени кога ќе слушнат дека сум се запишал на ФМУ. Но, мене отсекогаш ме интересираше уметноста, и ете музиката ја одбрав како мој животен пат.

Од кога се занимавате со музика и дали отсекогаш знаевте дека таа ќе биде Ваша животна преокупација или нешто друго беше пресудно?

– Со музика почнав да се занимавам од мојата 7 годишна возраст. Бев запишан во нижото музичко училиште на државниот музичко-балетски училишен центар „Илија Николовски-Луј“ на клавир. Исто така, бев член на КУД „Цветан Димов“ каде свирев во оркестарот на кавал. За време од осум години како член на ова друштво, учествував на безброј концерти и бев на многу фестивали во земјава и во странство. Кога дојде време за запишување во средно училиште, бев во дилема дали да продолжам со музика, бидејќи во тој период ме влечеше исто така сликарството и археологијата. Поради таа неодлучност, решив да се запишам во гимназијата „Никола Карев“, со цел да добијам опширно образование. Во гимназијата се насочив во јазично-уметничка Б насока, каде што сите четири години пратев предмети од областа на уметноста. Учествував на голем број театарски претстави, перформанси и ликовни излоби. Гимназијата ме ангажираше да ја компонирам химната, која денес е и официјална химна на гимназијата „Никола Карев“. Во тој период почна се’ повеќе и повеќе да ме привлекува музиката, па секој слободен момент го користев за компонирање. Голема инспирација и поттик ми беше композиторот, маестро Љубомир Бранѓолица, со кого во тој период остварував средби. Ја имав таа среќа да бидам во друштво со овој голем композитор, кој, за моја среќа, наоѓаше време за дискусија за моите композиции, за музиката но и пошироко за уметноста.

Исто така, многу сум и благодарен на мојата професорка Јана Андреевска, која како добар комозитор и педагог влијаеше на мене на почетокот на моите студии. Нејзиниот (критичен) став кон она што јас го работам, ми ја дава потребната поддршка и ме насочува во моето понатамошно школување и усовршување.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top