понеделник, 11 декември 2017 | Вести денес: 108 ново

Георги Шаревски, џез-гитарист: Имам среќа да соработувам со постари и поискусни музичари од мене, што ме научи да бидам понизен и благодарен

В сабота, во Центарот за дизајн и иновации „Јавна соба“ каде што е во тек седмото издание на Неделата на дизајн во Скопје ќе има настап македонскиот џез гитарист, композитор и аранжер Георги Шарески со своето трио. Шарески, кој живее и работи во Берлин, е дипломец на колеџот во Беркли, САД, има издадено седум албуми со оригинална музика и настапува на познати џез-фестивали низ цела Европа. На концертот во Скопје ќе свири со Оливер Јосифовски („Љубојна“) на бас, и Виктор Филиповски („Фиерс“) на тапани.

Концертот на Шарески триото е дел од досега најдобрата музичка програма на Недела на дизајнот во Скопје, што ќе ја одбележат настапите на бендот на џез пијанистот Васил Хаџиманов, унгарскиот „Михаљи Борбељи Балкан џез проект“, српските „Кило Кило Банда“ и „Артан Лили“ и диџеите, кои свират секоја вечер на првиот кат и на поткровјето на „Јавна соба“ –  Алек Сотиров, Флудер, Александар Мисковски и Фреки Фарис.

Три години живеете во Берлин, дали ве изненади тамошната сцена, што ве возбуди најмногу и дали си го најдовте своето место?

ШАРЕСКИ: Берлин е чудесен град. Тука доживувам креативна ренесанса, опкружен сум со исклучителни музичари и прекрасни, питоми луѓе.

Како ги реализирате соработките со различни музичари? Што е вашето најдрагоцено искуство од тие соработки?

ШАРЕСКИ: Со секој нов проект се развивам и растам како човек и музичар. Имам среќа најчесто да соработувам со постари и поискусни музичари од мене, а тоа ме научи да бидам понизен и благодарен, но исто така да бидам дарежлив, храбар и креативен, не само во музиката, туку во сѐ што правам.

Што е за вас иновативност во современата музика?

ШАРЕСКИ: Конкретно во џез музиката денес, мислам дека секој музичар  не се труди да биде иновативен, а многу од нив и не се во состојба да бидат тоа. Некои едноставно копираат, други се посветуваат на традицијата, голем број одлични музичари имаат толку многу попримено од нивните идоли, што сосема го запоставуваат својот личен автентичен израз. Иновативноста, верувам е токму во тој личен стил, а во идеална димензија секој музичар би имал свој уникатен звук, како што секој човек има уникатен карактер.

Каква е разликата меѓу концерт и клупска свирка? Колку ви е важна интеракцијата со публиката и зошто?

ШАРЕСКИ: Во џез-клубовите во Европа, секогаш има концертна атмосфера. Публиката го посветува целото внимание кон бината, никој не зборува гласно, озвучувањето е совршено, а бендот може да изведува и дела со најнежна динамика. Кај нас, на Балканот, има голема разлика помеѓу концертен и клупски настап. Живата музика во клубовите кај нас е најчесто третирана како позадинска, но и тоа има некој свој шарм.

Во Скопје ќе свирите со Оливер Јосифовски и Виктор Филиповски, што е специфично во таа соработка?

ШАРЕСКА: Премиерно ќе претставиме неколку мои нови композиции, како и неколку одбрани постари дела, песни инспирирани од балкански, американски и африкански ритмови и мелодии. Оливер и Виктор се фантастични, интуитивни музичари и навистина сум возбуден за оваа трио формација, во каква последниве години не настапувам често.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top