вторник, 12 декември 2017 | Вести денес: 0 ново

„Три новели“ од Тања Урошевиќ и „Попатно“ од Влада Урошевиќ ќе се промовираат во „Магор

Вечерва во кафе-книжарницата „Магор“ , со почеток во 20 часот, ќе бидат промовирани новите книги од нашите реномирани писатели: книгата „Три новели“ на Тања Урошевиќ, и книгата патописи „Попатно“ на Влада Урошевиќ.
Книгите ќе ги промовираат Маја Бојаџиевска и Лидија Капушевска Дракулевска, а модератор на промоцијата ќе биде Владимир Јанковски.
Книгата „Три новели“ на Тања Урошевиќ е составена од три самостојни прозни целини во која доаѓа до израз сфаќањето на авторката дека нејзината задача не е да нуди готови решенија и одговори, туку да ги пронаоѓа и да ги овоплотува преку збор, слика или некој друг уметнички облик, и да ги прави видливи и гласни прашањата или загатките кои ги поставува самиот живот, природата, универзумот.
Трите новели во оваа книга ги поврзува тоа што протагонистките се жени и нештата се пренесуваат небаре видени со женски очи. На места преовладува елемент на фикција, во некои имаме чисто биографски елементи, но и во едниот и во другиот случај тие служат само да помогнат што покреативно и поавтентично да се предаде основната замисла.
Книгата „Попатно“ на Влада Урошевиќ се состои од извесен број патни дневници, водени во текот на некои од патувањата што ги преземал овој писател. Тоа, главно, не се патувања по некои егзотични краишта: Влада Урошевиќ зборува за деновите поминати во Москва, во Атина, во Берлин, на германскиот остров Риген, во некои летувалишта на Халкидик, но тој успева, гледајќи ги нештата од една своја, посебна визура, од тие престои во не многу оддалечени градови и земји да создаде една своевидна интелектуална авантура која секогаш ја поседува привлечноста на откривањето.
Авторот ги собира во оваа книга досега необјавуваните патописи, и со тоа дава несомнен придонес кон развитокот на овој, во македонската литература, сè уште дефицитарен жанр.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top