среда, 13 декември 2017 | Вести денес: 1 ново

Станиќ за „Република“: На написите дека возам такси во Белград добро се изнасмеав

Месецов во домашните медиуми се појавија повеќе информации за поранешниот голман на РК Металург, Дарко Станиќ. Дел од порталите јавија дека тој преговарал со сопственикот на РК Вардар, Сергеј Самсоненко за неговото можно потпишување за европскиот шампион, а се појавија и написи дека Станиќ почнал да вози такси во Белград.

„Република“ го контактираше спрскиот ракометен голман кој за две теми имаше свој коментар:

Нема ништо чудно во тоа што сме биле заедно со Сергеј во Скопје. Нашето пријателство го одржуваме со години. Се знаеме уште пред тој да дојде во РК Вардар. Секогаш кога доаѓам во Скопје, а доаѓам често, обавезно се гледаме и никогаш не ги криеме нашите средби од јавноста. Разговорите не ни се врзани само за ракометот, иако се разбира дека е неизбежна тема. Можноста за моето доаѓање во Вардар исто така не е нова, таа трае со години, уште додека играв за Металург. Се е можно, но ништо конкретно не се случи и околу таа тема нема што повеќе да се каже.

На написите кои месецов излегоа во македонската јавност дека поранешниот голман на Металург почнал да вози такси во Белград, тој вели дека во овие информации нема ниту грам вистина и дека кога ги прочитал, со неговите пријатели добро се изнасмеале.

Во врска со написите кои ги објавија дел од македонските медиуми дека сум почнал да возам такси во Белград, секој мој сериозен коментар би им дал можност на тие така-наречените новинари да ја продолжат својата шпанска серија. Морам да признаам дека тој што ја смислил таа приказна има бујна фантазија и талент, но да пишува приказни за деца помеѓу 3 и 5 години.
Му се заблагодарувам бидејќи направил добар виц. Се смееме со пријателите на таа тема. Не им замерувам бидејќи имагинацијата им е неверојатна. Сепак мислам дека ваквите написи без никакви докази им прават штета на вистинските новинари кои се професионалци. Мене тие написи можат само добро да ме насмеат, вели Станиќ во изјава за „Република“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top