понеделник, 11 декември 2017 | Вести денес: 108 ново

Почина легендарниот руски баритон Дмитри Хворостовски (видео)

Денеска во Лондон, во кругот на семејството почина легендарниот руски баритон Дмитри Ховоростовски.

-Во име на семејството Хворостовски, со голема тага во срцата, ви соопштуваме дека почина Дмитриј Хворостовски – сакан оперски баритон, сопруг, татко, син и пријател – на возраст од 55 години. По две и полгодишна битка со рак на мозокот, тој мирно почина ова утро, (22 ноември), опкружен со семејството во близина на неговиот дом во Лондон, Велика Британија. Нека топлината на неговиот глас и неговиот дух секогаш да биде со нас, напишаа членовите на неговото семејство на официјалниот профил на Фејсбук на уметникот.

Хворостовски настапи во 2013 година на „Охридско лето“, каде на Античкиот театар воодушеви како и секогаш со својот настап. Со соопштение за смртта на светската оперска легенда Дмитри Хворостовски, кој ќе остане запишан во фестивалската историја како еден од најголемите ѕвезди кои настапиле на сцената од Охридско лето, се огласи и Фестивалот.

-Фестивалот Охридско Лето жали за големата загуба, смртта на светската оперска легенда Дмитри Хворостовски, кој ќе остане запишан во фестивалската историја како еден од најголемите ѕвезди кои настапиле на сцената од Охридско лето. Големите личности  секогаш имале посебно место  на сцената на Охридско лето.  Вечно ќе му бидеме благодарни на овој музички гениј, кој на отворањето на Охридското лето во 2013 година, одржа спектакуларен концерт во Античкиот театар. Воодушеви со неговата скромност и харизма. Без посебни специјални барања, освен во неговата соба да нема цвеќиња со интензивен мирис, стои меѓу другото во соопштенитето на „Охридско лето“.

– Македонската публика е многу топла и пријателска. Бев многу среќен што пеев на оваа сцена, возбуден од целата убавина што ме опкружува. Сигурно пак ќе дојдам со моето семејство – изјави Хворостовски по концертот во Охрид каде пристигна заедно со синот  Максим .

Уживаше во секој миг додека престојуваше во градот. Воодушевен од прекрасниот поглед на езерото рече дека глетката е доволна за да се чуствува како во рајот.

-Не ми  треба ништо друго. Доволно е ова место за да ја имам врската со Бога, рече славниот уметник.

Роден e во Краснојарск, Сибир, Русија на 16 октомври 1962 година. Во 1989 година ја освоил престижната награда „Кардиф“ на светски натпревар. Од почетокот на неговата кариера, публиката беше одушевена од неговиот култивиран глас, природното легато. По оперското деби на Запад, во операта во Ница со „Пикова дама“ на Чајковски, неговата кариера доживеа врв во најголемите оперски куќи и фестивали, меѓу кои Ројал опера хаус, Ковент гарден, Метрополитен, Париската опера, Миланска Скала. Станал првиот оперски пејач што настапил соло со оркестар и хор на Црвениот плоштад во Москва, концерт пренесуван во повеќе од 25 држави.

Вечна му слава, порачуваат од фестивалот.

Рускиот баритон со светска слава Дмитри Хворостовски почина на 55 годишна возраст од тумор на мозокот. Хворостовски ја започнува својата брилијантна меѓународна кариера по освојувањето на престижната награда BBC Cardiff Singer на Светскиот натпревар, демонстрирајќи ги исклучителните уметнички квалитети. Оттогаш редовните ангажмани на Хворостовски се одвиваат во водечките светски оперски куќи – Royal Opera House, Covent Garden, New York’s Metropolitan Opera, Paris Opera, Bayerische Staatsoper Munich, Salzburg Festival, La Scala Milan, Vienna State Opera и Chicago Lyric Opera – како и на реномираните фестивали.

Дмитриј Хворостовки е прв оперски пејач кој одржал солистички концерт со оркестар и хор на Црвениот Плоштад во Москва емитуван во повеќе од 25 земји. Контактите со Русија продолжуваат со бројни престижни концерти во Москва како дел од специјалните серии „Дмитриј Хворостовски и пријатели“ со прочуените светски уметници. Хворостовски оствари историска турнеја во руските градови по поканата на Претседателот Путин, настапувајќи пред огромен аудиториум од стотини илјади луѓе во сеќавање на војниците на Втората Светска војна.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top