среда, 13 декември 2017 | Вести денес: 104 ново

Започна канибалската „Антишарена шарена револуција”

Алдо Климан

Дали „шарената револуција” почна да ги јаде своите деца, или „шарените” си ја јадат својата „шарена револуција”, или пак станува збор само за нехигиенска угостителска услуга во која „шарените келнери” на поддавалник, со сервилни предавнички насмевки, им ја послужија Република Македонија на нејзините историски грозоморно алчни непријатели, мрзители и грабежливци од соседството, како и на најопасни, софистицирано организирани криминални групи и поединци? Тоа не е никакво шекспировско прашање. За тоа постои само еден единствен збор: велепредавство!

Реалниот живот и вистинските историски настани не се целулоидна филмска лента која може да се врати на почеток и одново да се прикажува според вашиот ќеф, или да се крати и да се премонтира на местата што post festum не ви се допаѓаат. За она што се случило веќе нема условна глаголска форма: ех, да било вака или онака, да не се случеше ова или она, да било поинаку… Тоа се само дрдорења! Зашто реалниот живот и вистинските историски настани се шанса за трајна добивка или сериозна закана за трајна загуба. Но, добиваат само оние што во секој момент живеат во реалноста, знаат каде се наоѓаат и што прават, и оти настаните се одвиваат во реалното време, па според тоа свесно и сосема насочено се однесуваат, а апсолутно и неповратно губат оние што мислат дека реалната политика е „шарена” детска градинка, па ако одеднаш почне да не им се допаѓа играта што ја започнале самите, или ако играта стане премногу груба и опасна, си мислат: ајде де, утре сабајле ќе ја започнеме одново, но поумно, на поубав начин. Но нема ништо од тоа! Што било – било! Готово е! Во најсудбоносните и најдраматични историски моменти за нашата македонска нација и за нашата македонска држава што ги проживувавме во изминативе неколку години, и особено во изминативе шест месеци од инсталирањето на „шарената” квислиншка влада, што, како што вели македонски поет Гане Тодоровски, со „горчливи голтки непремолк” ги истрадувавме и ги истрадуваме и денес, секоја загубена минутка беше и засекогаш остана една загубена битка, секоја загубена битка беше и засекогаш остана едно загубено поприште, и пат без враќање, пат кон целосен национален пораз и исчезнување.

Оние што, како господин Владимир Милчин и неговите актуелни штотуку „растрчани” поддржувачи на фејсбук, мислеа дека „кревањето” најступидна можна импортирана и крајно приземна „шарена револуција” и безобѕирно уривање на татковината однадвор и одвнатре, и разјадувањето и делењето на нејзината срцевина – народот, е најобична детска игра, сега кога се’ е готово – no more real Republic of Macedonia! – нека не се посипуваат пред нас бедно со пепел, раскажувајќи ни по своите профили прикаски за тоа како Француската и Октомвриската револуција ги јаделе сопствените деца, па ете, сега тоа се случува и со нивната „шарена револуција”. Со оглед на тоа што „јадењето сопствени деца” е апсолутно општо место во историјата што се учи веќе во средно училиште, се прашувам зошто тие големи „шарени” интелектуални лидери воопшто ја започнуваа таа своја „револуција” кога од историјата знаеја дека таа ќе ги изеде, или, пак, дека тие неа ќе ја лапнат, освен ако не беше во прашање најобичен свински гурманлак и преждерување со глупости, бесмислици и егзистенцијално и психофизичко малтретирање на нормалните луѓе, на обичниот македонски човек, и обид за насилно преземање на власта во државата, за што беа, а така и се покажаа, целосно некомпетентни и неодговорни.

Е па, господа „шарени”, по сето она страшно, ужасно, непростливо и непоправливо што го сторивте на најбесен, агоничен начин, исполнет со исконска омраза кон својот род и кон својот дом, не можете сега наеднаш да излезете од својата „шарена” игра и да ја пренасочувате реката на настаните кон некоја друга, добра, позитивна цел, зашто со невидено лудило и глупост го прекопачивте и и’ го уништивте нејзиното корито, а бистрите национални води што хистерично ги заматувавте и ги замативте до црнило се прелеаја и се разлеаја на сите страни. Го испразнивте нивното длабоко корито, за да ги наводните туѓите полиња. Нели си спомнувате како уште вчера викавте: „Ајде бе, Заев, премини го веќе еднаш Рубикот!” И Заев со сите вас го премина. И се виде како! Но таму, од другата страна на „Рубиконот”, господа „шарени”, таму ја нема Рајската градина што ја ветувавте, туку само пустелија и ништожност! Како слепците на Бројгел, кон пропаст го упативте, таму го водевте и до пропаст го доведовте македонскиот народ!

А сега кога „на голо” се виде работата, наеднаш се разбудивте, и глеј! – се свестивте и ни раскажувате канибалски прикаски за взаемното ждерење на вашата „шарена револуција” и нејзините „шарени” деца едни со другите. Како тоа наеднаш ви дојде умот?! Што е тоа што кај вашиот fürer Заев одеднаш толку ве налути за токму сега да реагирате! Зарем е во прашање неговото негирање на бугарскиот фашизам и на бугарските фашистички злосторства во Македонија? Ма, ве молам! Па, во сите светски учебници од јужниот до северниот пол, и од Кина до Америка, и во целокупната светска референтна литература тие факти за бугарскиот фашизам се апсолутно познати. Зарем стравувате дека вашиот официјален „историчар” Заев сега ќе ја исправи историјата и на Бугарите ќе им подари аболиција и историска невиност за тој нивен мрачен период? Тоа не е и не може да биде причина за вашата ненадејна голема возбуда и повторното „фејсбук-збивање на револуционерните редови” и започнување на некоја нова, сега „Антишарена шарена револуција”. Периодот на бугарскиот фашизам, подеднакво црн како и сите фашизми, е само едно мало делче, одсечка од едвај неколку историски години, во однос на столетната славна македонска историја што низ неколку идиотски потези на вашиот љубен водач и голем „револуционер” Заев ја столчивте во прав и пепел без да ви трепне окото и без да зборнете зборче за тоа. Каде бевте да го кренете својот „шарен” глас кога вашиот ненадминливо примитивен лидер Заев за пет минутки си ја гушна како своја родена ултрашовинистичката големоалбанска Тиранска платформа и за сите времиња ја закопа судбината на македонската унитарна држава? Каде бевте јавно да се огласите по повод мизерното предавство на вашиот квислиншки премиер Заев, кога на Бугарија, насмеан од уво до уво, предавнички и’ ги предаде златните клучеви на севкупната наша македонска историја, на нашето име, на нашиот идентитет, на нашето културно-историско наследство? Каде бевте да го браните славното македонско име на нашите најголеми синови од културното и историското минато, нашите преродбеници, нашите незаборавни револуционери од светско значење, Гоце Делчев, Јане Сандански… Ченто… и сите други пожртвувани борци за македонска слобода и независност? Каде бевте да го браните достоинството на Мечкин камен и на нашето славно Илинденско востание што со својот „говорнички талент” го дезавуира албанскиот одметник и со државен удар, изведен од вашите „шарени” пратеници, незаконски инсталиран спикер на Собранието Талат Џафери, кому таму никако не му беше местото? Каде бевте кога вашиот дипломатски „(а)нуспроизвод” Никола Димитров среде Скопје, гуштерски лазејќи по земи пред циничниот Никос Коѕиас им го правеше ќефот на Грците и со него го тестираше понижувачкото име за Македонија „Северна земја”, ветувајќи им се’ што побараа? Каде бевте кога бедникот Заев вазалски и бездушно го повика Метју Нимиц да дојде што побргу со предлог за новото име на нашата татковина Република Македонија, како да го вика на некаква приватна семејна крштевка во Муртино?! Каде бевте да им кажете „доста!” на крајно невоспитаните и дрски странски амбасадори во Македонија што до гуша и преку глава се извалкаа со плеткање во македонскиот демократски живот и, исто како вас, ликуваа со секој нов пораз на македонската правна држава, денес доведена до самиот раб на постоењето како таква?!

Сето она што ни беше најважно и најсвето во животот, нашето убаво македонско име, нашата преубава татковина Република Македонија со која со крената глава се гордеевме секаде во светот, нашиот најпоетски македонски јазик, еден од најстарите и најубави јазици меѓу јазиците, нашето пребогато културно минато и сета наша тешка но достоинствена историја – сето тоа му го доверивте на „шарениот револуционер”, бескрупулозен лудак и докажан криминалец Зоран Заев, кој, свесен за својот криминал, кукавички бега и бедно се извлекува од рочиште до рочиште, зашто знае дека таму, на судот, се’ повеќе се стеснува отворот на лејката на правдата, и јасно му е дека кога конечно ќе стаса до најтесното место – таму и ќе заглави.

Затоа, сите вие сегашни „антишарени шарени бунтовници и револуционери” штотуку испотпишани по фејсбуците, ако мислите дека со својата нова разбуричкана морална дијареа „Антишарена шарена револуција”, со вашето „несогласување” со Заев околу бугарскиот фашизам повторно ќе се наметнете како логистика на некој нов продуктивен „револуционерен” пресврт – бескрајно се лажете. Прво, вас Заев и неговата подмолна клика и шовинистичките големоалбански партнери воопшто не ве е… ни за сува слива. Второ, и далеку поважно е тоа што вие немате никакво морално право на ништо друго, освен бедно и мизерно да си молчите, зашто не само што сте директни соучесници во најголемото, најпресудно и во светската историја невидено злосторство над македонскиот народ и над нашата татковина, туку тој злостор се зароди и тргна токму од вашите предавнички срца. Ни ја уништивте државата, ни го уништивте народот, и од тој најстравотен библиски грев нема никогаш да се ослободите, како ни од општиот длабок презир – и нашиот, македонски, но и на оние грабежливци на кои не’ предадовте и кои слатко, подмолно се кикотеа во себеси додека гледаа како фенемонално успешно го изведувате својот надреален лудачки перформанс на национално самоубиство.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top