понеделник, 11 декември 2017 | Вести денес: 101 ново

Милчин до Заев: И песната „Тиквешко негде, в некое село…“ ли ќе ја заборавиме?

Поранешниот директор на канцеларијата на фондацијата „Отворено општество“ на Сорос во Скопје, Владимир Милчин, на Фејсбук жестоко удри по политиките на премиерот Зоран Заев и Владата, со кои се предвидува од спомениците и историските учебници да се исфрли терминот „бугарски фашистички окупатор“.

„И песната која почнува со „Тиквешко негде, в некое село…“ ќе ја заборавиме? Чии униформи носеле убијците? На кој јазик биле изговарани командите? Кој ќе потпише тотална амнезија? Кој ќе прости без да слушне извинување?“, напиша Милчин на Фејсбук.

Ваквата реакција на Милчин доаѓа по изјавата на премиерот за бугарската телевизија БТВ дека ставот на македонската историографија дека во Втората светска војна овде имало „бугарски фашистички окупатор“ е шовинистички кон Бугарија и токму затоа треба да се сменат учебниците.

Песната која ја цитира Милчин е напишана од славниот македонски поет Славко Јаневски, и е посветена на дванаесетте младинци од кавадаречкото село Ваташа, кои на 16 јуни 1943 биле стрелани  од страна на бугарската војска, под изговор дека им помагале на партизаните.

Во нивна чест, Славко Јаневски ја пишува песната „Цветови“, која Милчин ја цитира во својата полемика за намерата од историјата да се избришат злосторствата на бугарскиот окупатор во овој период.

Освен што со години беше прв човек на Соросовата фондација „Отворено општество“, која директно финансиски ги поддржа протестите на Шарената револуција и на СДСМ, Миличин беше и еден од иницијаторите и водачите на таканаречената Шарена револуција. Неговата реакција за менувањето на историјата доби поддршка од повеќе активисти на Шарената револуција, новинари, професори, истакнати општественици.

Ставот на Милчин го поддржаа:

Билјана Секуловска, новинар на „Нова ТВ“

Југослав Петровски, уметник, активист и учесник во Шарената револуција

Ристо Лазаров, писател и поранешен директор на „Телма“

Тито Беличанец, универзитетски професор во пензија и подржувач на СДСМ

Горазд Чаповски, музичар, „Мизар“

Милчин: Откако ќе ги изеде своите деца, револуцијата ќе се изеде себеси

Реакциите на Милчин кон политиките на владата почнаа вчера, кога тој констатираше дека во Македонија револуцијата ги јаде своите деца.

-Откако ќе ги изеде своите деца, револуцијата ќе се изеде себеси, напиша вчера вечер на својот Фејсбук профил поранешниот директор на Сорос фондацијата во Македонија, Владимир Милчин.

Во друг пост, Милчин се прашува дали Заев ќе му каже на Ахмети да престане со шверцувањето геноцид во држава која не постоела.

-Нека побара извинување од државите кои владееле на територијата на РМ. Ги преќекори сите граници!, пишува Милчин.

На горенашишаното со свој коментар се јави Бранко Героски, уредник на порталот Плусинфо и весникот Слободен печат.

-Не, сега децата ќе ја изедат револуцијата, напиша Героски.

Случајот со Милчин не е изолиран, секојдневно активисти на СДСМ и луѓе кои учествуваа во шарената револуција жестоко се спротиставуваат на политиките на владата. Таков беше примерот и со аналитичарот Сашо Орданоски и актерот Петар Арсовски.

 

 

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top