понеделник, 11 декември 2017 | Вести денес: 108 ново

Документи на ЦИА откриваат: Југославија произведувала атомска бомба

Тајни научни истражувања на ЦИА од 1975 година утврдиле дека поранешна Југославија ги има сите потребни капацитети и дури доволни резерви на ураниум за од сопствени извори до 1980 година да произведе атомска бомба, вели професорот Филип Ковачевиќ, кој имал ретка прилика да му бидат дадени на увид осум тајни документи.

Ковачевиќ, кој е гостински предавач на Универзитетот во Сан Франциско и чие примарно поле било истражувањето на работата на известувачките служби, до нови материјали дошол откако во февруари 2016 година и се обратил на ЦИА со барање за документи поврзани со југословенската атомска програма.

„После повеќе од година и половина, во октомври 2017 година, добив осум документи на вкупно 84 страници. Документите опфаќаат период од триесет години, од 1957 до 1986 година, тие се во различен формат, од кратки извештаи до научни истражувања и сите биле чувани во голема тајност. Јасно е дека неколку генерации на аналитичари на ЦИА имале сериозен пристап кон оваа тема. Документите биле зачувани на посебни места за да се сокријат изворите на информациите, а во писмото кое го примив ми беше соопштено дека постојат уште некои документи кои остануваат јавно недостапни поради тоа што можат да влијаат на американската национална безбедност. Значи, постојат уште тајни“, вели Ковачевиќ.

Во документите на ЦИА во кои Ковачевиќ имал увид стои дека после Втората светска војна Југославија воспоставила соработка со САД за развој на атомска програма и започнала да испраќа студенти на специјализација во американските универзитети.

Така во 1952 година Југославија, во соработка со научници од Американското геолошко друштво, извршила истражувања ширум својата територија и утврдила дека постојат солидни наоѓалишта на ураниум во Словенија (Идрија) и во Македонија (Злетово).

Исто така, во еден документ од јули 1979 година пишувало дека само на едно место во Словенија можело да бидат произведени 300.000 тони ураниум, што е доволно за околу 300 тони ураниумски оксид (атомско гориво).

Ковачевиќ посебно напоменува дека од документите на ЦИА може да се види дека оваа агенција била одлично информирана околу сите случувања во Југославија, со добро организирана мрежа на информатори во југословенските институции.

Меѓутоа и покрај тоа, тој смета дека Американците не можеле да влијаат врз одлуките на највисоките југословенски политичари.

„Документите недвосмислено покажуваат дека политичкото раководство на Југославија со Тито на чело соработувало и со Западот и со Истокот само во онаа мерка во која тоа и одговарало на југословенските интереси. Кога Американците не сакале нешто да и дадат, тие им се обраќале на Русите и обратно. На пример, кога во средните педесетти години САД не сакале да и испорачаат експериментален атомски реактор, Југославија веднаш го купила од СССР. За потоа кон крајот на седумдесеттите години да потпише договор со американската фирма „ Vestinghaus“ за изградба на првата и единствена атомска електрана на овие простори. Тоа било тешка игра, додека Тито бил жив, успеал да го доведе југословенското раководство до совршенство“, вели Ковачевиќ.

Кога станувало збор за конкретните можности на СФРЈ за производство на атомска бомба, од документите на ЦИА, може да се заклучи дека за дваесет години значително се подобрила југословенската атомска програма, па додека студија на ЦИА од 1958 заклучува дека Југославија нема капацитет да произведе атомско оружје, во декември 1975 година, Циа го тврди спротивното, односно дека капацитет постои.

„Тајните научни истражувања на ЦИА од декември 1975 година заклучуваат дека Југославија поседува доволно капацитет да направи атомска бомба до 1980 година. Се споменува и дека било потребно дополнително инвестирање во фабрика за репроцесирање на ураниумот и секако во конструкцијата на оружјето кое би можело да биде носител за бомбата. Значи, Југославија можела да има бомба над бомбите, се зависело од политичката волја на тогашното раководство. Некои во тоа раководство, во кое Тито поради болест немал доминантна улога, изгледа веќе ја гледале својата иднина надвор од југословенската држава, која според мое мислење, многу веројатно со поседувањето на атомската бомба, би се спасила од бруталното и крвавото распаѓање“, заклучува Ковачевиќ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top