понеделник, 11 декември 2017 | Вести денес: 50 ново

Почнува Неделата на современ шпански филм во Кинотека на Македонија

Во Кинотеката на Македонија во соработка со Амбасадата на Кралството Шпанија од денеска, 20 ноември до недела, 26 ноември ќе се одржи филмскиот циклус посветен на современиот шпански филм.

Шпанската кинематоргафија е светски реномирана и високо ценета од филмските критичари. Се работи за филмови кои ретко можат да се видат по комерцијалните киносали во Македонија.

– Претставувањето на шпанската кинематографија секогаш е сериозна одговорност и задоволство. Шпанската кинематографија умее да насмее, да шокира, да интригира, да разубави нечиј живот, да растажи и да ве расплаче, да исплаши, да ве држи во напнатост или во меланхолија, да ве зачуди, има се`. И можеби најинтересното и најкарактеристично за шпанската кинематографија е што сето тоа може да го има и во само едно филмско дело. Педро Алмодовар тоа го објаснува попластично велејќи дека работи во повеќе жанрови бидејќи за него комедијата е измешана со трагедијата и дека тоа е една од шпанските карактеристики, односно дека начинот на кој трагедијата и комедијата се нераскинливи една од друга е многу шпански. Подеднакво како што се неодвоиви Дон Кихот и Санчо Панса… – вели Владимир Ангелов в. д. директор на Кинотеката на Македонија.

Ќе бидат прикажани седум филма со превод на македонски и англиски јазик. Филмската ревија во понеделник ќе биде отворена со филмот „Среќни 140“ во режија на Грасија Керехета, во вторник ќе биде прикажан „Лудата Хуана“ на режисерот Висенте Аранда, потоа следат и филмовите: „Труман“ на Сес Гај, „Мојата голема ноќ“ на Алекс де ла Иглесија, „Братичеди“ на Даниел Санчес Аревало, „Од твојот прозорец до мојот“ на Паула Ортис. Фестивалот ќе го затвори филмот „15 години и еден ден“ на Грасија Керехета.

Филмовите се во селекција на Амбасада на Кралството Шпанија.
Влезот за проекциите е бесплатен.


20 ноември (понеделник) 20:00 ч.
СРЕЌНИ 140
(Felices 140)
Игран филм, Шпанија
2015 г., 98 мин., колор, блуреј
Режија: Грасија Керехета (Gracia Querejeta)
Сценарио: Сантос Мерсеро, Грасија Керехета (Santos Mercero, Gracia Querejeta)
Улоги: Марибел Верду, Антонио де ла Торе, Едуард Фернандес (Maribel Verdú, Antonio de la Torre, Eduard Fernández)

Елија собира група пријатели и роднини во раскошна вила за да го прослават нејзиниот 40-ти роденден. Гостите доаѓаат со своите подароци, но и со своите лични и заеднички проблеми. Започнува разговор за тоа што најдобро им се случило во периодот во кој се немаат видено. Сите ги кажуваат своите приказни, вистинити или полувистинити, а Елија завршува со веста дека на Европската лотарија го освоила џекпотот од 140 милиони евра. Како ќе реагираат гостите на оваа изјава, што ќе се случува помеѓу старите и новите љубови, дали парите ќе ги расипат нивните односи, дали детските другарства го здржуваат бремето на годините, браковите и парите… На тие прашања со публиката дебатира режисерката Грасија Керехета, чиј филм СРЕЌНИ 140 беше шпански претставник за 88-то издание за наградите Оскар и кој темата ќе ја зачини и со елементи на трилер. Филмот одлично го води Марибел Верду во улогата на Елија, која ќе ја видиме и во филмот 15 ГОДИНИ И ЕДЕН ДЕН – исто така во режија на Грасија Керехета..

21 ноември (вторник) 20:00 ч.
ЛУДАТА ХУАНА
(Juana la loca)
Игран филм, Шпанија, Италија, Португалија, Франција
2001 г., 115 мин., колор, блуреј
Режија: Висенте Аранда (Vicente Aranda)
Сценарио: Висенте Аранда, Антонио Ларета (Vicente Aranda, Antonio Larreta)
Улоги: Пилар Лопес де Ајала, Даниеле Лиоти, Росана Пастор (Pilar López de Ayala, Daniele Liotti, Rosana Pastor)

ЛУДАТА ХУАНА е историска драма, временски лоцирана кон крајот на 15-тиот и почетокот на 16-тиот век. Секако, базирана врз вистинити настани и ликови. Во 1554г. кралицата Хуана од Кастиља има 74 години и сè уште е во тага по својот сопруг, надвојводата од Австрија, Филип. Нејзината емотивна реминисценција започнува со нејзиното заминување од Шпанија, на 16-годишна возраст, кога како трето дете на католичките монарси Фернандо II од Арагон и Изабела I од Кастиља тргнува за Брисел за да се омажи за надвојводата Филип од Хабсбург, чиј прекар бил Убавиот. Нејзината љубов и страст, но и неверствата на Филип ќе придонесат, поради љубоморните испади, да ја наречат Хуана Лудата. По смртта на нејзината мајка, таа станува кралица и се враќа на дворот во Бургос. Филип и тука продолжува со своите неверства, овојпат со проститутка, но покрај тоа, потхранети се и неговите политички амбиции и тој кова завера Хуана да биде прогласена за луда, по што тој би го презел престолот. Поддржана од своите поданици, Хуана успева да го одбрани престолот, но сето тоа коинцидира со тешката болест што го напаѓа Филип, кој на смртната постела ѝ се извинува за своите гревови. На пат да го закопа својот сопруг, Хуана е затворена во замокот во Тордесиљас, каде со нетрпение ја чека својата смрт и повторната средба со Филип. Филмот ЛУДАТА ХУАНА е добитник на наградите Гоја (на националниот шпански филмски фестивал) за најдобра актерка, како и за најдобри костими и шминка и фризури. Искусниот режисер Висенте Аранда (1926–2015) ја води приказната со невидена леснотија, без притоа да се почувствува тежината на историската реконструкција или пак непознавањето на самата историја од страна на публиката.

22 ноември (среда) 20:00 ч.
ТРУМАН
(Truman)
Игран филм, Шпанија, Аргентина
2015 г., 108 мин., колор, блуреј
Режија: Сес Гај (Cesc Gay)
Сценарио: Томас Арагај, Сес Гај (Tomàs Aragay, Cesc Gay)
Улоги: Рикардо Дарин, Хавиер Камара, Долорес Фонси (Ricardo Darín, Javier Cámara, Dolores Fonzi)

Двајцата најголеми актерски таленти на современиот шпански филм – Рикардо Дарин и Хавиер Камара – се во центарот на вниманието во наградуваниот нов филм на Сес Гај, режисер на хит-филмот СО ПИШТОЛ ВО СЕКОЈА РАКА. Филмот се стекна со симпатиите на публиката на меѓународно ниво, бидејќи ТРУМАН е смешен, искрен портрет на пријателство и неочекуваните подеми и падови во животот. Кога театарскиот актер Хулијан добива неочекувана посета од неговиот пријател од детството Томас, средбата е со измешани чувства – горко-слатка. Оваа средба е прва по многу години и е поттикната од влошеното здравје на Хулијан. Томас е збунет од одлуката на неговиот пријател да се откаже од третманот и да се фокусира на средување на неговите работи: поделба на имотот, смирување на минатите расправии и, најважното, да најде дом за неговото сакано куче Труман. Оваа задача предизвикува најголема загриженост кај Хулијан. Четири дена, двајцата мажи шетаат по улиците на Мадрид, одат во книжарници, ресторани, ветеринари и пријатели, и ги преиспитуваат своите животи – нивните љубови, успеси и падови – спекулирајќи за тоа што носи иднината. Во овој прекрасен филм, Камара и Дарин ни даваат час по глума, убедливо пренесувајќи ни ја леснотија што само долгогодишното пријателство ја дозволува. Со неговите карактеристични непретенциозност и чувствителност, Гај наоѓа достоинство и хумор во обичниот живот, пренесувајќи ни духовит, трогателен и многу забавен одраз на човечките односи, потсетувајќи нè дека најдобрите пријателства се навистина засекогаш. Филмот е убедлив победник на националниот шпански филмски фестивал и ги има освоено наградите „Гоја“ за најдобар филм, најдобар режисер, најдобар актер, најдобра споредна машка улога и најдобро сценарио. „Мудар, носталгичен и прониклив. На моменти смешен и трогателен – а многу често: и двете одеднаш. Филм што треба да патува не само на фестивали и што треба да најде публика секаде и секогаш кога ќе се прикажува, зашто зборува со универзален јазик“ – ќе напише „Варајети“.

23 ноември (четврток) 20:00 ч.
МОЈАТА ГОЛЕМА НОЌ
(Mi gran noche)
Игран филм, Шпанија
2015 г., 100 мин., колор, блуреј
Режија: Алекс де ла Иглесија (Álex de la Iglesia)
Сценарио: Хорхе Гуерикаечеварија, Алекс де ла Иглесија (Jorge Guerricaechevarría, Álex de la Iglesia)
Улоги: Рафаел, Марио Касас, Пепон Нието (Raphael, Mario Casas, Pepón Nieto)

Подготовките за спектакуларна новогодишна ТВ-емисија се претвораат во комичен хаос во храбриот и луд филм на шпанскиот мајстор за црни комедии, Алекс де ла Иглесија (ПЕРДИТА ДУРАНГО, ВЕШТЕРКИТЕ ОД ЗАГАРАМУРДИ)… Оваа урнебесна комедија со голема актерска екипа е сатира на шоу-бизнисот и нè води зад кулисите на забавна ТВ-емисија што наидува на толку пречки и проблеми, што учесниците ќе бидат среќни, ако го преживеат снимањето. Се појавуваат актерите кои редовно соработуваат со Иглесија, а филмот почнува онаму каде што повеќето филмови кулминираат и оттука станува сè поманијакално. Ова урнебесно поп ремек-дело ги следи незгодите, романсите, заговорите и заткулисните игри што ќе го снајдат снимањето на обична ТВ-емисија што прераснува во возбудлива акција. Пред зградата на телевизијата се случуваат диви сцени со демонстранти, полиција и публика во лов на автограми, а внатре работите се влошуваат кога ќе се урне дел од техниката и ќе загине еден статист. Ова не е нежен филм, но сепак нуди сочувство за бедниот живот на филмските и телевизиските статисти. Во техничка смисла, се работи за напад од живописна енергија со добро кореографирани танцови точки. Ова лудило е совршено калибрирана комедија во рацете на Иглесија и неговиот долгогодишен косценарист Хорхе Гуерикаечеварија. Преполн со духовити реплики и откачена фарса, бизарни гротески и харизматични ексцентрици, МОЈАТА ГОЛЕМА НОЌ е френетична мешавина на Фелини, Алтман, Џон Вотерс и Алмодовар што постепено оди кон финалето – гол колапс во општ хаос Де ла Иглесија мајсторски ја води оваа смела комедија која излегува од контрола. Подгответе се за уживање.
24 ноември (петок) 20:00 ч.
БРАТУЧЕДИ
(Primos)
Игран филм, Шпанија
2011 г., 98 мин., колор, блуреј
Режија: Даниел Санчес Аревало (Daniel Sánchez Arévalo)
Сценарио: Даниел Санчес Аревало (Daniel Sánchez Arévalo)
Улоги: Ким Гутиерес, Инма Куеста, Раул Аревало (Quim Gutiérrez, Inma Cuesta, Raúl Arévalo)

Кога Диего ќе биде откачен од неговата девојка, еден ден пред нивната свадба, тој и неговите двајца братучеди решаваат да отидат во селото, каде што ги поминале своите момчешки денови, каде што за првпат се вљубиле и ги засакале работите што ги формирале како луѓе. Директна цел е да се најде Мартина, првата љубов на Диего со која првпат водел љубов пред точно 10 години. Братучедите полека го освојуваат селото, ќе се најдат со Мартина која има 9-годишен син, ќе се сретнат со нивниот локален херој Бачи – сопственикот на видеотеката од која изнајмувале филмови… Секако, во селото ќе дојде и девојката на Диего, која покајнички ќе бара извинување што ќе ги искомплицира и онака комплицираните состојби. БРАТУЧЕДИ е комедија со интересен и личен пристап кон комичното. Ликовите се карикирани, но не до ниво на карикатура, така што останува нивната човечност, која во фокусот ги задржува машко-женските односи, независно од тоа дали се работи за однос маж-жена, машко-женско, син-мајка, татко-ќерка, љубовник-љубовница… Ова е трет игран филм на Санчес Аревало, но негова прва комедија.
25 ноември (сабота) 20:00 ч.
ОД ТВОЈОТ ПРОЗОРЕЦ ДО МОЈОТ
(De tu ventana a la mía)
Игран филм, Шпанија
2011 г., 98 мин., колор, блуреј
Режија: Паула Ортис (Paula Ortiz)
Сценарио: Паула Ортис (Paula Ortiz)
Улоги: Марибел Верду, Летисија Долера, Луиса Гаваса (Maribel Verdú, Leticia Dolera, Luisa Gavasa)

„На пример, во мојот прв игран филм ОД ТВОЈОТ ПРОЗОРЕЦ ДО МОЈОТ се работи за испреплетени емоции и борби на три жени од различни генерации кои имаат цел да ги изградат животите што ги сакаат – земајќи ги своите иднини во свои раце. Сите тие ја изгубиле љубовта на својот живот и ќе треба да ја бараат својата среќа и да се борат за достоинството во една прилично непријателска Шпанија, зашто дејството се случува во раните 1940-ти до средината на 1970-тите години. Овие жени не само што се чувствуваат скршени поради многу интимните борби, туку и поради општествените и патријархалните норми како резултат на низа социјални и историски настани. Во тоа време во Шпанија жените биле предмет на многу рестриктивни правила.“ – ќе изјави авторката на филмот Паула Ортис, давајќи го веројатно најдобриот опис за својот филм. Виолет, Агнес и Луис се жени на различни возрасти, чии денови поминуваат во очигледна смиреност на другата страна од прозорецот. Полиња, планини, и улиците на стариот град, се сценографија во која овој филм ги оживува животите на овие жени, видени преку светлината и убавината на спомените. Филмот ни го доловува волшебното минатото, кога сè уште било можно млада девојка да сонува во шумата; ни дава далечен поглед на мајка во јаловата пустината и спомен на зрела жена затворена во куќата. Филмот ја раскажува приказната за жени кои се чини дека живеат во тишина, но чии сеќавања чуваат тајни, страсти и живи соништа. Како топка од волна што се тркала од еден живот во друг, филмот го следи овие жени до денот кога тие страдаат од неочекувана загуба, отсуство и болка. Овој филм е интимен и емотивен портрет во кој фантазијата понекогаш лета над сите прозорци. Првиот филм на Пола Ортис, меѓународно призната актерка која се враќа на големото платно опкружена со голема и добро позната екипа на актери, е дел од новото движење во шпанската кинематографија наречено „Шпанско ново кино“ кое има влијание на меѓународната сцена и ја задоволува жедта за нови приказни и нови таленти.
26 ноември (недела) 20:00 ч.
15 ГОДИНИ И ЕДЕН ДЕН
(15 Años y un día)
Игран филм, Шпанија
2013 г., 96 мин., колор, блуреј
Режија: Грација Керехета (Gracia Querejeta)
Сценарио: Сантос Мерсеро, Грасија Керехета (Santos Mercero, Gracia Querejeta)
Улоги: Тито Валверде, Марибел Верду, Арон Пајпер (Tito Valverde, Maribel Verdú, Arón Piper)

Марго се „бори“ со својот син Јон кој е тинејџер-бунтовник, но исто така е емотивно и правдољубиво момче, сакано од другарите и особено од девојчињата. Кога Јон добива суспензија од училиштето со укажување дека најверојатно нема да ги помине годишните испити, Марго го праќа Јон кај нејзиниот татко Макс кој живее разделен од нејзината мајка. Макс е пензиониран воен офицер кој служел во Босна, се истакнал со храброста и добил медал за тоа, но се повлекол разочаран од службата, но и од семејниот живот. Макс се обидува да го доведе Јон во ред, но сите негови обиди да го дисциплинира се залудни. Внукот, не по негова вина, повторно запаѓа во неволја, овој пат со катастрофални последици, која завршува со смрт на едно момче, а Јон е во кома и е главен осомничен за убиство. Дедото нема да може да се помири со помислата дека неговиот внук е убиец и започнува сопствена истрага. И во овој филм, како и во СРЕЌНИ 140, режисерот Грација Керехета успева да реализира еден нетипичен трилер кој започнува да се развива како таков во втората половина на филмот, кога публиката е убедена дека филмот ќе следи насока која има класично драмска, ангажирана, социјална линија. Режисерот е убедлив во неговите уметнички постулати и доследно си го следи сопственото кредо.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top