среда, 13 декември 2017 | Вести денес: 97 ново

„Исцелител“ беше тајната состојка на „Синедејс“ за затворањето на Фестивалот на европски филм

Ова беше македонска премиера на „Исцелител“ по сценарио и режија на Ставрески, неодамна беше прикажан на Солунскиот филмски фестивал, каде што доби награда од публиката. Филмот е македонско-грчка копродукција, финансиски поддржан од Агенцијата за филм на Република Македонија, Грчкиот филмски центар и SЕЕ Cinema Network

Дебитантскиот филм на македонскиот режисер Ѓорче Ставрески „Исцелитет“ беше вистинската „тајна состојка“ на организаторот на „Синедејс“ за затворање на Фестивалот на европски филм кој во минатите десет дена се одржуваше во скопските кина „Милениум“, џебното кино и киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар (МКЦ).

„Исцелител“ од денеска ќе биде на репертоарот на „Милениум“, а „Синедејс“ по синоќешното официјално затворање ќе продолжи со филмски маратон до 29 ноември во Џебното кино на МКЦ.

Ова беше македонска премиера на „Исцелител“ по сценарио и режија на Ставрески, неодамна беше прикажан на Солунскиот филмски фестивал, каде што доби награда од публиката. Филмот е македонско-грчка копродукција, финансиски поддржан од Агенцијата за филм на Република Македонија, Грчкиот филмски центар и SЕЕ Cinema Network.

Пред почетокот на проекцијата гостите на премиерата беа послужени со колач, но, состојките не беа откриени.

Пробавте ли од колачот? Знаевме дека ќе дојдат луѓе со проблеми. Некој се жалеше на кичмата, некои имаа проблем со ќелавоста…Некои дури имаа проблем и со глутенот. Така што ве поканивме и ви дадовме по едно парче од колачот. Да знаете дека магијата ќе престане кога ќе излезете од кино-салата, дејството ќе прекине – рече режисерот.

Публиката во „Милениум“ со долг аплауз го награди филмот на Ставрески.

Ви благодарам многу на аплаузот, ќе ме расплачете –рече Ставрески, обраќајќи се по завршување на проекцијата.

Во филмот играат: Благој Веселинов, Анастас Тановски, Аксел Мехмет, Димe Илиев, Александар Микиќ, Мирослав Петковиќ и Симона Димковска. Сценарист, режисер и продуцент е Ѓорче Ставрески, автори на музиката се Бранислав Николов, Пеце Трајковски-Брада и Гоце Јованоски, директор на фотографија е Дејан Димески, монтажер е Мартин Иванов, мајстор на тон е Игор Поповски, сценограф е Симо Бранов, костим – Раде Василев, а шминката е на Мојца Горогранц Петрушевска.

Тоа е мојата екипа, функциониравме како еден и мислам дека тоа беше најбитната работа за овој филм. Екипата работеше неуморно и навистина бевме како еден брз воз и заради тоа е резултатот каков што е. Сакам да им се заблагодарам на блиските, на пријателите, на нивната безрезервна поддршка – рече Ставрески, не заборавајќи да ги спомене сите оние кои помогнале за снимањето на филмот.

Посебно сакам да ѝ се заблагодарам на финансиерот, мајка ми, Олга Стојановска – додаде Стеврески.

Режисерот Ставрески потенцира дека со оваа комедија сакал да го сврти вниманието на нашиот распаднат здравствен систем кој, за жал, одвреме-навреме ние мора да го користиме.

И тоа, во некаква спрега со сиромаштијата која не згази низ овие години, придонесе кај мене да се роди револт што резултираше со овој филм. Би сакал да видам поправедно општество во Македонија – рече Ставрески.

Инаку, „Срце од камен“ – исландско-данска копродукција на режисерот Гудмундур Амар Гудмундсон е избран за најдобар филм на 16. издание на „Синедејс“. Во официјалната селекција се натпреваруваа осум филма, с според жирито, во состав: Семих Капланоглу, Евгенија Тирдатова и Марија Драндаки, филмот е „искрен и длабок опис на проблемите со кои се соочуваат тинејџерите во нивното растење“.

Награда за најдобра режија доби филмот „Надвор“ на Ѓорѓи Кристоф (копродукција меѓу Словачка, Франција, Унгарија и Чешка) затоа што „создава вистинска слика за денешниот живот во Источна Европа“. За најдобро сценарио беше награден филмот „Плоштад Америка“ кој е приказна за емиграцијата, а автори на сценариото се Вангелис Моурикис, Јанис Сакаридис и Јанис Цирбас.

Во натпреварувачката програма СинеБалкан меѓу шесте балакански филмови за најдобар беше прогласен албанскиот „Зора“ во режија на Гентијан Кочи, а Специјална награда во оваа селекција доби хрватскиот „Трамполина“ на режисерката Катарина Зринка Матијевиќ. Одлуката за филмовите во оваа програма ја донесе жири во состав: Ник Џелилај, Павлина Желева и Велибор Топиќ.

Меѓу филмовите од Студентската програма награден е „Чистота“ на Невен Самарџиќ од Академијата во Сараево. За најдобра филмска критика, пак, беа доделени втора и трета награда – на Максим Осман Николов и Сашо Пшенко.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top